
Соопштение на Левица:
Последните финансиски извештаи на банките уште еднаш ја разобличуваат длабоката диспропорција во македонската економија: додека банкарскиот сектор бележи рекордни профити, најголемиот дел од граѓаните се соочуваат со инфлациски притисоци, поскапен живот и плати кои не го следат растот на трошоците. Овој контраст е логичен производ на економски модел кој системски го фаворизира финансискиот капитал на сметка на општото добро.
Банкарските добивки растат со динамика која не кореспондира со реалниот економски раст ниту со продуктивноста во државата. Значителен дел од профитабилноста се должи на високи каматни маржи, провизии и пренесувањето на финансиските ризици врз граѓаните и стопанството.
Само за периодот јануари – јуни банките прокнижија нето добивка од неверојатни 150 милиони евра, додека нивната актива порасна за 1,8 милијарди евра споредено со истиот период лани, односно од 12,2 милијарди евра на 14 милијарди евра. Приходите од камати се зголемени од 285 милиони евра во 2024 на 295 милиони евра годинава, а од провизии и надоместоци, за шест месеци се наплатени 93 милиони евра од граѓаните и компаниите.
За период јануари – септември само двете најголеми банки остварија добивка од неверојатни 110 милиони евра, а шест македонски банки повторно се меѓу стоте најголеми банки во Југоисточна Европа, на повисоки позиции обезбедени од растот на нивните активи. Овој „успех”, иако престижен за банките, само ја нагласува нееднаквоста во распределбата на финансиските ресурси и профитите кои се концентрираат во мал број институции, додека најголемиот дел од граѓаните немаат директна корист од овие достигнувања.
Во вакви услови, Владата пасивна без какви било мерки за ублажување на товарот врз граѓаните или за поттикнување поголема правичност во финансискиот систем. Наместо да ја регулира профитната експанзија на банките таа дозволува милиони евра да се акумулираат во банкарскиот сектор, додека домаќинствата се борат со растечки трошоци на живот.
Левица укажува дека е неопходно воспоставување поцврста регулатива, јакнење на институциите за надзор и воведување политики кои ќе гарантираат правична распределба на финансиската добивка. Банкарскиот сектор мора да биде ставен во функција на економскиот развој, а не граѓаните да бидат ставени во функција на неговата профитабилност. Финансиски систем кој генерира рекордни профити додека граѓаните тонат во зголемени трошоци и намалена куповна моќ е систем кој мора да се реформира. Социјалната и економската рамнотежа не може да постојат во држава каде што богатството се концентрира, а товарот се префрла врз најранливите.

