
Политичката партија Левица, како опозиционен субјект со сопствена пратеничка група во Собранието на Република Македонија, испрати Претставка по повод противуставноста на Нацрт-Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025. Левица потенцира дека делови од документот се „скандалозни, противуставни и противзаконски” и го повикува АВМУ да го коригира текстот пред официјалното усвојување.
Главната критика на Левица се однесува на точката 3 од Нацрт-Упатството, која ја регулира распределбата на платеното политичко рекламирање, односно во алинеите 1 и 2 се инсистира на тоа дека право на рекламирање имаат само „двете најголеми партии” од позицијата и опозицијата, без оглед на другите парламентарни партии.
„Целта на законот е да ги опфати и покрие сите регистрирани партии без исклучок кои учествуваат во изборниот процес, а не само најголемите. Со ваквата ригидна интерпретација, на една легално регистрирана партија ефективно ѝ се забранува да се рекламира, дури и со сопствени средства”, предупредува Левица.
Партијата посочува дека ваквото ограничување создава директна политичка дискриминација и повреда на принципот на еднаквост, како и ризик од судска постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според Левица, „државата би била материјално оштетена за финансиски износ во значителни размери, што го поткопува кредибилитетот на целиот изборен процес”.
Дополнително, Левица ја критикува точката 10 од Нацрт-Упатството, која предвидува дека радиодифузерите треба да го наведат точниот назив на нарачателот на политичките реклами, а не на поддржаните партии. Според Левица, ова е „противзаконско” бидејќи Изборниот законик познава само формални коалиции, а не „поддржувачи”, и воведува нови правни термини кои не постојат во законот. Партијата предупредува дека ова може да се толкува како поттикнување на кривично дело „Злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања”.
Левица ги потенцира и сериозните последици по демократското функционирање на изборите: нарушување на еднаквоста, ограничување на правото на информираност на граѓаните, поткопување на демократијата и штета за гласачите.
Како решение, Левица предлага целосно бришење на точката 10 од Нацрт-Упатството, преоформулирање на точката 3, со дистрибуција на платените рекламни секунди пропорционално меѓу сите партии со пратеничка група. Во конкретниот пример, партијата предлага распределба во сооднос 3:2:1, при што најголемите партии добиваат најмногу секунди, а помалите парламентарни партии, како Левица и Движењето ЗНАМ, добиваат соодветен дел.
„Во едно демократско општество, изборите се фер само кога сите партии имаат еднаква можност да допрат до граѓаните со своите пораки, идеи и програми. Забраната за рекламирање ја поткопува демократската функција на изборите и правото на информираност на граѓаните”, се вели во соопштението.
Левица најавува дека ако АВМУ не го коригира Нацрт-Упатството, ќе преземе правни и вонправни мерки, вклучувајќи граѓански, управни и кривични постапки, како директно оштетен политички субјект.