
Соопштение на Левица:
Левица најостро го осудува нападот на американската војска врз Венецуела, како и наводното киднапирање на нејзиниот демократски избран претседател и суверен лидер Николас Мадуро од страна на американските специјални воени сили. Овој кукавички чин претставува грубо кршење на меѓународното право на повеќе нивоа при што нападот врз Венецуела е блатантен напад врз суверена држава а киднапирањето на нејзиниот лидер е преседан и вовед во пракса на стратегија на заложништво во меѓународната политика. Ниту еден дел од светот не може да биде безбеден доколку се нормализира праксата на воени напади врз суверени земји и киднапирање и рушење од власт на демократски избрани лидери. Од тие причини Левица бара итен прекин на воените напади врз Венецуела и ослободување на нејзиниот Претседател Николас Мадуро.
Го повикуваме и Министерството за надворешни работи на Република Македонија да го осуди овој чин на меѓународен тероризам во режија на екстремнодесничарската администрација на Доналд Трамп. Инсистираме МНР да ја следи традицијата на македонската дипломатија во која почитувањето на меѓународното право, демократскиот процес и државниот суверенитет се носечки и неповредливи вредности.
Левица ја изразува својата сесрдна поддршка на народот на Венецуела во овие тешки мигови со увереност дека уште еднаш ќе демонстрираат единство и решителност да се изборат против заканата на империјализмот. На воените сили на Венецуела и Обединетата социјалистичка партија им ја посакуваме истата онаа решителност со која пред 23 години го спречија воениот удар врз тогашниот претседател Уго Чавез. Затоа сме уверени дека ниту еден подмолен акт нема да може да внесе сомнеж, збунетост или паника помеѓу херојскиот народ на Венецуела. Левица и македонскиот народ секогаш ќе стојат на браникот на слободата и рамноправноста заедно со сите народи на светот, ќе инсистираат на доследност во меѓународното право и ќе инсистираат на бескомпромисна борба против секој вид империјалистичка закана.



