Утрински Весник
Македонија

Левица: Со новиот закон за високо образование професори ќе можат да станат само децата на богатите

Levica.jpg

Соопштение на Левица:

Со предложените измени на Законот за високо образование, ДПМНЕ уште еднаш покажува дека образованието го гледа како елитистичка привилегија.

Министерката предложува зголемени критериуми за избор во наставно-научни звања, барајќи од 6 до 7 научни трудови, од кои најголем дел во списанија со импакт фактор од Web of Science и Scopus. Она што намерно се премолчува е дека објавувањето во овие списанија чини илјадници евра по труд, средства кои државата не ги обезбедува системски, особено не за млади истражувачи.

Со овие измени, всушност, професори ќе можат да станат само децата на богатите, оние што имаат лични или семејни ресурси да плаќаат публикации, конференции и „академски трошоци”. Јаневска со ова ја исклучува државата од инвестиции во науката и ја префрла одговорноста врз поединецот. ДПМНЕ уште еднаш ја претвора науката во пазар, а универзитетот во филтер за социјална селекција.

Особено проблематична е и одредбата со која новоизбраните редовни професори ќе подлежат на реизбор по 7 години, додека веќе избраните ќе останат надвор од оваа обврска. Со тоа се создава двослоен професорски корпус и се укинува самата суштина на tenure-принципот.

Tenure е историски механизам за заштита на академската слобода, кој потекнува од средновековните европски универзитети и подоцна е развиен во модерните универзитетски системи токму за да се спречи политички, партиски и пазарен притисок врз професорите. Со постојан реизбор, професорите стануваат зависни, дисциплинирани и послушни, наместо критички и слободни научници. 

Истовремено, „затекнатите” професори се изземаат од обврските кои ќе важат за новите генерации, што е класичен пример на институционална неправда.

Левица е и категорично против промената на мандатот на ректорите од три на четири години. Тригодишниот мандат има длабоки историски корени уште од римското право и средновековната универзитетска традиција, каде управните функции намерно биле кратки за да се спречи концентрација на моќ и клиентелизам. Ректорот е „прв меѓу еднаквите”, а не универзитетски партиски гувернер. Продолжувањето на мандатот, заедно со промена на моделот за избор, отвора простор за политичка контрола врз универзитетите, што се чини дека е и целта на ДПМНЕ.

Најголемиот пропуст на овој закон е целосното отсуство на социјална компонента. Во држава како Македонија, високо образование може и мора да биде целосно бесплатно. Словенија одамна го покажа тоа: со бесплатно и достапно високо образование таа привлече илјадници талентирани матуранти од регионот, кои не само што студираа таму, туку останаа да живеат и да ја развиваат словенечката економија и наука. Денес Македонија ги губи токму тие млади луѓе затоа што државата не инвестира во нив.

Наместо бркање бројки за Шангајски листи без суштинска стратегија, потребно е јавно финансирање на научни публикации, социјална достапност на академската кариера, заштита на академската слобода и вистинска автономија на универзитетите.

Можете да прочитате

22 романа ја продолжуваат трката за наградата „Роман на годината“ за 2025 година

СДСМ: Дрогата од пет тони слободно поминала граница и слободно се превезувала низ пола Македонија

СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата