
Соопштение за јавност на Левица:
Сашо Димитријоски – човек кој е доживотно дисквалификуван од Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ) поради тешки финансиски злоупотреби, сега седи на чело на Одборот на директори на Македонски Телеком на предлог на Владата на ДПМНЕ. ДПМНЕ повторно ја потврдува својата неспособност да раководи со институциите без да ги претвори во алатка за наградување на своите најконтроверзни кадри.
Владата, преку своето уделно учество во Македонски Телеком од речиси 35%, како и преку т.н. златна акција што ѝ овозможува клучни права во управувањето со компанијата, директно го поставила Димитријоски за член, а потоа и за претседател на Одборот. Тоа е уште еден пример за класичен партиски грабеж на јавни позиции, при што личната лојалност и блискоста со врвот на партијата (во овој случај, според нашите информации, со генералниот секретар на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски) тежи повеќе од какви било критериуми на компетентност, интегритет или јавна одговорност.
Но, проблемот не е само клиентелизмот. Проблемот е што станува збор за човек со документирани и сериозни злоупотреби. Во времето кога бил на чело на ВФМ:
– Се самовработил и си исплатувал плата без каква било дозвола или знаење на ВФМ и истата не била прикажана во финансиските извештаи доставени до Собранието на ВФМ;
– Без одобрување на ВФМ исплаќал финансиски средства на физички лица кои се во роднинска или лична врска со него, иако немале врска со активностите на ВФМ;
– Исплаќал лажни фактури и сериозни износи кон фирма во сопственост на неговиот син, спротивно на закон – „ГРАН ФОНДО ДООЕЛ Скопје”, за услуги кои не се документирани и чии средства исчезнуваат;
– Префрлање без знаење на кого било, износ од 300.000 денари од сметката на ВФМ на клубот ВК НОВАПОР СПИДБАЈК – клуб зад кој директно стои тој самиот;
– Нетранспарентно користење на банкарска картичка на федерацијата за активности на неговиот клуб во странство;
– Злоупотреба на службената позиција при регистрација на континентален клуб во УЦИ, без документација и без согласност од федерацијата;
– Ангажирање на сметководство и изнајмување канцеларии, без дозвола и одлука од ВФМ – целосно вон Статутот на ВФМ.
Федерацијата реагирала со доживотна дисквалификација. Но, државата, очигледно, гледа потенцијал во такви кадри.
А скандалот е подлабок. Во неговото друго јавно поглавје, како директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), парите од телекомуникациските оператори, кои би требало да се вложуваат во подобрување на комуникациската инфраструктура, тој ги трошел за изградба на Панорамското непостоечко тркало, за донации на Зоолошката градина, МТВ и… повторно, на Велосипедската федерација. Над 8,8 милиони евра за три години! За кои, патем, и Европската комисија нотирала дека се потрошени вон надлежностите на Агенцијата.
Иако телекомуникациските оператори алармирале дека овие трошења не служат на основната цел на АЕК, наместо одговорност, Сашо Димитријоски добива унапредување.
Сашо Димитријоски е веројатно олицетворение на владеењето на ДПМНЕ. Тој е жив доказ за еден гнил систем во кој не се вреднува способноста, туку слепата лојалност. Сè додека си верен на партиската врхушка, можеш да крадеш, да манипулираш, да злоупотребуваш и наместо санкција, ќе добиеш нова, уште повлијателна функција, со уште поголем буџет за трошење. Ова е суштината на режимот – неспособност прикриена со верност, корупција под државна заштита, јавни ресурси ставени во приватни џебови.
Во нормална држава, Сашо Димитријоски одамна ќе беше под лупа на институциите, а не на директорска фотелја. Но, станува јасно дека оваа Влада не може да понуди никаква реформира или промена, бидејќи сака да рециклира стари ликови, навики и шеми. А последиците ги плаќа народот, преку скапи сметки, недоверба во институциите и разурнување на секоја мала надеж за правда и одговорност.