
Соопштение за јавност на Левица:
Уште еден немил пример за институционално, ,,законско” и системско насилство врз жена, обелоденето во очи денот на Кампањата за 16-дневен активизам против родово базирано насилство – трудница го изгубила бебето во 27 г.н. поради доживеан стрес од непродолжен договор за работа.
Жена – професионалец, која 14 години инвестирала во знаења, ангажирана во ЈЗУ Општа болница – Струга, добила ,,отказ” со непродолжен договор за работа, штом кажала дека е бремена.
„Оди дома, сега имаш поважна работа. Бремена си”, ова биле зборовите на директорот кон трудницата. Од силен стрес поради непродолжувањето на договорот за работа, таа го изгубила бебето во 27-та гестациска недела, односно во седмиот месец од бременоста.
Трудница останува без работа, а според наши извори, заменета е со нова вработена, ,,црпната” директно од Штабот на ДПМНЕ.
И покрај тоа што Комисијата за дискриминација утврдила најтежок вид на дискриминација, системот не ја штити жената која го изгуби своето бебе.
Поради тоа, АФЖ – Левица укажува дека т.н. ,,договори на дело” и договорите на определено време кај младите жени, во пракса претставуваат несигурност и истите тие договори се злоупотребуваат, така што државата ги остава жените – работнички на ,,милост и немилост” на работодавачите.
Поради сите овие ужасни работни судбини на жени во бременост, на жени на боледување, жени пред пензија, со кои секојдневно се соочуваме, Левица ќе поднесе законски измени во дел од кои ќе се предложи следново: ,,доколку станува збор за трудница, по автоматизам се обновува договорот за вработување, сè додека има право да ги користи правата кои се стекнуваат со бременоста” (парафразираме).
Поради конкретниот случај, ги повикуваме Трудовиот инспекторат и Министерство за економија и труд да постапат ригоризно кон работодавачот, а во заштита на жената – работничка.

