Утрински Весник
Македонија

Левица: Нова милијарда евра кредит за отплаќање на долг наместо за развој

Levica.jpg

Соопштение на Левица: 

Новото задолжување преку издавање на еврообврзница од една милијарда евра предизвика оправдана загриженост и силни реакции во јавноста, бидејќи повторно се избира модел на финансирање што ја префрла цената на денешните политики врз идните генерации, затоа што веќе знаеме дека значаен дел од овие средства ќе се користи за отплата на стара еврообврзница, а не за нови развојни инвестиции. 

Иако Владата го оправдува задолжувањето со ʼповолниʼ каматни стапки и стабилен пристап до меѓународните пазари, ваквиот пристап ја потврдува праксата на рефинансирање на стар долг со нов со што ја продлабочува зависноста од задолжување и ја ограничува можноста за вистинска економска и социјална трансформација. 

Само по основ на камати за ова задолжување граѓаните ќе треба да платат над 267 милиони евра.

Дополнителна загриженост и недоверба во јавноста создава и начинот на кој беше искомуницирано самото задолжување, при што министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, првично најавуваше издавање на еврообврзница во износ од 700 милиони евра, потоа таа сума беше зголемена на 950 милиони, за на крајот државата да се задолжи за една милијарда евра. 

Ваквото постепено „лизгање” на износите остава впечаток на отсуство на јасен план, слаба фискална проекција и импровизација во управувањето со јавните финансии при што граѓаните со право се прашуваат дали одлуката е водена од реални потреби и стратегија или од притисокот да се затворат стари долгови по секоја цена без транспарентна и навремена отчетност.

Владата продолжува со трендот на агресивно задолжување без видлива стратегија за продуктивно искористување на средствата. Наместо структурни реформи за зголемување на фискалните приходи, намалување на непотребните трошоци, борба против корупцијата и елиминација на клиентелистичкото трошење, Владата продолжува да го турка товарот врз идните генерации. Ова претставува типичен пример на фискален популизам, каде краткорочната политичка стабилност се купува со долгорочна економска нестабилност!

Левица бара забрана на понатамошно задолжување без јавна дебата, строго ограничување на задолжување само за капитални, продуктивни инвестиции и поврат, преориентирање на буџетот од субвенционирање на странски фирми кон поддршка на домашната индустрија, земјоделството и енергетика како и ревизија на стратешките договори кои ја загрозуваат економската и фискалната независност на државата.

Ваквите политики се коцкање со иднината. Македонската економија има ресурси и интелектуален капацитет за самостојна и одржлива развојна стратегија. Прашањето е дали има и политичка волја?!

Можете да прочитате

Тестирање на сообраќајните камери во Скопје од 20 до 31 јануари

Досега 140 пријавени за фаќање на крстот во Вардар на мостот „Слобода“ во Скопје

АВМУ со повик до инфлуенсерите и јутјуберите