Утрински Весник
Економија

Левица: Најпрофитните компании исплаќаат срамно ниски плати или немаат ниту еден вработен

Levica.webp.webp

Соопштение на Левица:

Најпрофитните компании кои би требало да важат за столб на продуктивност, иновација и општествена одговорност, во реалноста се делат на две длабоко контрастни групи според информациите објавени од медиумот „Пари”:


– Оние кои генерираат приходи преку искористување на трудот на работниците, но исплаќаат срамни и понижувачки плати и 

– Оние кои остваруваат милионски добивки без да вработат ниту едно лице, практично, паразитирајќи врз постоечките структури и механизми на капиталот.

Речеси 40% од 100-те најпрофитабилни компании за 2024 година, исплаќаат просечна нето-плата која е еднаква или помала од националниот просек. Шокантен е и податокот дека 7.500 компании немале ниту еден вработен, а сепак инкасирале над 530 милиони евра приход. Од друга страна, сѐ почесто сме сведоци дека компании со еден вработен се јавуваат во тендерски постапки и прикажуваат милионски суми на профити.

Ова не е ништо друго освен симптом на длабоко болен економски систем кој целосно се води од логиката на профитот, на сметка на работниците и пошироката заедница. Додека капиталот слободно циркулира и се размножува без да вработи ниту едно лице или со исплата на плати што не обезбедуваат ни пристоен живот, илјадници луѓе се приморани да прифаќаат понижувачки услови за да преживеат.

Ова е директна последица на неолибералните политики што со децении ги претпочитаат „лесните” даноци, дерегулацијата и непреченото зголемување на профитите, без да побараат минимална општествена одговорност за создадениот капитал. Во таков систем, се наградуваат оние што најмалку придонесуваат за општеството: газдите без вработени, компаниите што го стискаат секој денар од трудот на работниците, како и оние блиски до владејачката гарнитура.

Неопходни се радикални законски измени кои ќе ја прекинат оваа паразитска логика, вклучувајќи прогресивно оданочување на профитите, минимални стандарди за вработеност и плати кои ќе обезбедат достоинствен живот, и строги критериуми за компаниите кои учествуваат во јавните набавки.

Државата мора да стане вистински регулатор кој ќе ги штити работниците и јавниот интерес, а не само послушник на големиот капитал. Инаку, ќе продолжиме да живееме во општество каде што  неколкумина профитираат срамно многу додека мнозинството работи за мизерни плати, се иселува, или преживува на работ на сиромаштија.

Можете да прочитате

Раст од 9,4 отсто на индустриското производство во мај годинава

Толку беше од линеарното покачување, од септември пензииите пак ќе се зголемуваат процентуално

Има одредени зголемувања на цените во малопродажба, во големопродажба цените се вратени како пред одлуката, вели директорот на ДПИ