
Соопштение за јавност на политичка партија Левица:
Соопштението на Министерството за одбрана е исполнето со груби лаги и манипулации! Фактите се едноставни: на конкурс за 60 места за стручно оспособување и усовршување за офицери – во Решението се најдоа само 29 имиња, иако 74 кандидати успешно ја поминале целата селекција.
Министерството се обидува да ја замае јавноста со тврдењето дека оние кои не се најода во Решението – ќе влезат во „втора група курсисти” за околу шест месеци. Ова е целосна измислица поради следниве факти:
Конкурсот од 13 март 2025 година е за 2025 година и предвидува два курса – прв (април–септември 2025) и втор (ноември 2025–април 2026). Првиот всушност веќе доцни, со што, вториот би се поклопил со редовниот конкурс за новата 2026 година – што значи дека станува збор за сосема нова постапка, а не за „втора група“ од истиот конкурс.
Во Решението на министерот воопшто не се споменува „група” – ниту дека овие 29 курсисти се „прва група“, ниту дека ќе има „втора“. Ако навистина сѐ уште постоела намера за две групи, сите примени кандидати ќе беа наведени во едно Решение. Не може за иста постапка да има две решенија.
Лага е дека кандидатите кои не се нашле во Решението, а успешно ги поминале сите етапи се информирани дека ќе бидат повикани за „втората група курсисти”. Овие кандидати не добиле никакво известување за втора група, напротив, повикани се единствено да си ги подигнат документите.
Дополнителната манипулација на Министерството е во тврдењето дека „се примени најдобрите кандидати“. Анализите покажуваат дека постапката е злоупотребена за елиминација на вистински најуспешните. Првичните резултати од општиот успех, англискиот јазик и физичките проверки им оделе во прилог на одредени кандидати, но клучниот филтер бил интервјуто, најсубјективниот елемент, каде бодовите биле, очигледно, прилагодени за да се исфрлат најдобрите и да се протуркаат „пожелни“ лица по партиска или роднинска линија. Всушност, оние за кои Министерството во своето соопштение и Решение тврди дека биле најдобри, може да бидат најдобри единствено доколку се земат предвид само бодовите од интервјуто кое е најподложно за злоупотреби и, како такво, недозволиво е да биде клучен фактор во одлуките.
Ова е класичен пример на дискриминација со што во постапката поништена е меритократијата и направен е политички избор наместо професионален.
Левица ги повикува оштетените кандидати да ги искористат сите правни механизми за заштита на своите права и да не молчат.
Јавноста заслужува одговори, а Министерството мора јавно да објасни: Зошто и како токму интервјуто, најсубјективниот дел, било одлучувачко при елиминација на кандидатите со највисоки објективни резултати?