
Левица продолжува да објавува нови информации за партиската послушност и незаконското постапување на инспекторите во Просветниот инспекторат, кои единствено делуваат под партиска наредба. Од партијата велат дека просветната инспекторка Соња Зашовска (и поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба) е „типичен приказ дека во партизираните институции напредуваат само партиските послушници, кои без приговор ги штитат незаконските дејанија на власта“.
-Имено, сознанијата на Левица се дека инспекторката Зашовска ескпресно добила унапредување во раководител, откако истата констатира дека нема пропусти во фалсификат дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Потсетуваме дека Левица го објави скандалот со дипломата на Христовски, стекната на приватен универзитет во сопственост на поранешен вмровски градоначалник (универзитет кој единствено служи само за принтање дипломи за некадарните функционери од ВМРО-ДПМНЕ), порачуваат од Левица.
Според партијата, ова не е изолиран случај на изигрување на законите кај инспекторката Зашовска, која, како што истакнуваат од Левица, се стави во заштита и при незаконско унапредување на сдсмовски кадар на универзитетот ,,Визион” во Гостивар.
-Во овој случај, се работи за поранешната советничка на Славјанка Петровска – Весна Попоска. Попоска, иако докторирала на национална и меѓународна безбедност и меѓународни односи, сепак таа е избрана во звање доцент во научното поле правни науки.
И повторно, овој предмет завршува кај вмровската инспекторка Зашовска која врши инспекцисли надзор и го затвора случајот без констатирани недостатоци, како и со директорот на АНБ. Очигледно, поради заштитата при грубо кршење на законите и на вмровски и сдсовски кадри, инспекторката Зашовска добива унапредување за да продолжи да ги штити партиски инсталираните кадри во руинираниот систем. Молкот на министерката Јаневска за скандалите во Просветниот инспекторат потврдува дека инспекторите се под директна контрола на нејзината партија и дека наместо професионален кадар, испекторатот е дувло на партиски послушници.
Незаконските унапредувања на несоодветни кадри во образовниот систем само дополнително ја демотивира младата интелегенција да остане во Македонија. Владата на Мицкоски докажа дека деградацијата на образовниот систем продолжува под нивно менторство – и само партиските кадри просперираат во оваа држава, без разлика дали се од ДПМНЕ или СДС, порачуваат од опозициската партија.