Утрински Весник
Македонија

Левица: Градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ газат врз македонското знаме

500347906 1275313923951669 7492994019137786227 n.jpg

Од политичката партија Левица реагираат на, како што велат, газењето на македонското знаме од страна на градоначалник.

– Наместо да оддадат достојна почит пред споменикот на загинатиот припадник на безбедносните сили, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, и делегацијата што ја предводеше – демонстрираа крајно непочитување кон државата. Во еден срамен и понижувачки чин, тие буквално газеа врз македонското државно знаме!


Со тоа директно е прекршен Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија кој јасно налага: „Грбот и знамето на Република Македонија… не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување.“

Овој скандал не е изолиран инцидент, туку уште еден симптом на хроничната политичка хипокризија и плиткиот, евтин квазипатриотизам на ДПМНЕ. Нивните функционери низ цела држава редовно ја обесчестуваат симболиката на Републиката со знамиња кои висат искинати, избледени, валкани. Тоа укажува на една институционализирана негрижа, недостоен политички формализам и фолклорен патриотизам.

Левица веќе подолг период наназад поднесува претставки за вакви и слични прекршувања, но системот останува нем бидејќи во Република Македонија сѐ уште не постои институција што санкционира сквернавење на државните симболи. Закон за правилна употреба на државните инсигнии постои, но тој останува мртво слово на хартија бидејќи нема кој да ги изрече пропишаните глоби.

Токму затоа, наскоро во собраниска процедура ќе влезе Законот за инспекторат за државни инсигнии, предложен од Левица, со кој конечно би се воспоставил институционален механизам за заштита на државните симболи. Со овој Закон би се обезбедил надзор, санкции и одговорност за сите што ги сквернават или ги занемаруваат симболите на државата.

Само со јасна законска регулација и санкции ќе се научат, првенствено функционерите, дека Македонија не се брани со пароли, туку со дела. Љубовта кон татковината се мери со почитта што ѝ ја укажуваме и начинот на кој го штитиме нејзиното достоинство, а не со самопрогласување за патриоти. – велат од Левица.

Можете да прочитате

Зулфикар Зејнула е нов претседател на Демократската партија на Турците во Македонија

Ладна ноќ е пред нас – Можна е појава дури и на слаб мраз!

Водата во езерото „Младост“ е загадена со фекалии, нема услови за порибување