
Соопштение за јавност на Левица:

На денешната седница на Собранието, на Дневен ред се најде Предлог-законот за зголемување на минималната плата на 500 евра поднесен од пратениците од Левица согласно барањата на синдикатите. Законот не помина, односно платите нема да се зголемат бидејќи пратениците од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ не гласаа.
Потребата за донесување на ваков закон ја образложи пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, кој одржа долг и остар говор исполнет со критики кон власта, обвинувајќи ја дека дејствува против работничките интереси и дека владее во интерес на капиталот и бизнис-елитите, според модел кој потсетува на „античка” и „олигархиска” власт.
„Имаме десничарска власт која ја води државата по шок-доктрина модел. Секој кризен момент се користи за богатење на елитите, додека работниците се туркаат во сиромаштија. Сведоци сме на рекордна борба против синдикалното организирање и потиснување на работничките права. Секој што се бори за достоинствена плата е претставен како непријател. Владата и нејзините медиумски сојузници спроведуваат систематска кампања на дискредитација и саботажа”, рече Мециновиќ.
Пратеникот ја обвини власта дека свесно ги запоставува интересите на работниците, со јасна цел – заштита на бизнис елитите.
„Работникот денес е последен на списокот на приоритети. Десничарската влада не функционира како претставник на народот, туку како политичка корпорација која ги штити интересите на сопствениците на капиталот. Вашите буџети се креирани по мерка на стопанските комори, а работничката класа добива само трошки – ако и нив ги добие”, нагласи тој.
Мециновиќ потсети дека законот за зголемување на минималната плата е едноставен и директен, и бара само пристојна основа за егзистенција на најниско платените работници во земјава, но дури и такво нешто не наоѓа поддршка.
„Законот беше напишан по иницијатива на синдикати и веќе неколку пати е игнориран. Се работи за чист, транспарентен предлог – без сложени формули, без тешки финансиски импликации – но вие одбивате дури и да го ставите на дневен ред, камо ли да го гласате. Зошто? Затоа што тоа би значело да се одземат дел од привилегиите на вашите финансиери и поддржувачи”, рече тој.
Во продолжение, Мециновиќ остро се спротивстави на изјавите од владата и гувернерот на Народната банка, кои тврдеа дека куповната моќ на македонските граѓани е поголема од таа во некои европски земји.
„Ние живееме во жива беда. Вашите метрики се навреда за народот. Како може да тврдите дека имаме поголема куповна моќ од десетици европски земји, кога секој што има можност – си оди од државата? Тоа е показател дека луѓето немаат доверба во иднината овде. Вашиот оптимизам е фиктивен, лажен и сервилен”, изјави Мециновиќ.
Тој ја обвини Владата и за енормно задолжување и непродуктивно трошење на јавни средства, притоа истакнувајќи:
„Во првата година од мандатот се задолживте за речиси седум милијарди евра. За што? За купување социјален мир? За покривање ветувања што однапред знаевте дека не можете да ги исполните? Ниту една значајна јавна инвестиција не произлезе од тоа задолжување. Тоа беше пари потрошени за привремено задоволување на потребите на партиските клиенти и бизнис-круговите”, рече тој.
Според Мециновиќ, оваа шема на управување со државата следи добро познат модел во политичката наука: шок-доктрина.
„Од пандемијата, преку енергетската криза, па сè до војната во Украина – секој кризен момент беше користен како оправдување за носење мерки кои ги зголемија профитите на избрана мала група. Кога се справувате со криза, вие прво мислите на тоа како да профитираат вашите партнери. Не се сеќавате дека постојат граѓани, работници, семејства. За време на енергетската криза, ваши партиски луѓе отвораа приватни компании за струја. За време на војна, некои се однесуваа како профитери”, истакна тој.
Во најостриот дел од говорот, Мециновиќ направи споредба меѓу владеењето на актуелната власт и антички олигархии.
„Вие владеете како во антика – не како демократска влада, туку како политичка каста што ја контролира државата преку дискредитации, медиумски манипулации и институционални притисоци. Станува збор за железно владеење на капиталот, маскирано во либерална демократија. Ги задушувате синдикатите, создавате паралелни, контролирани синдикални структури, а потоа ги дискредитирате оние кои не ви се покоруваат. Следната фаза ќе бидат правни пречки, финансиски санкции и административни блокади”, предупреди пратеникот од Левица.
Тој ги повика пратениците да не бидат соучесници во потиснувањето на синдикалната борба, бидејќи тоа значи директна предавство на интересите на граѓаните.
„Кога сте власт, вие сте во конфликт на интереси со синдикатите. И додека учествувате во трипартитен дијалог, реалноста е дека двете страни – и владата и работодавачите – се на иста страна. Се трудите и третата, која треба да ги застапува работниците, да ја ставите под ваша контрола”, нагласи тој.
На крајот од својот говор, Мециновиќ испрати силна порака:
„Додека профитот на малкумина расте, егзистенцијата на мнозинството се укинува. Одбивате да ја зголемите минималната плата, но барем бидете искрени – вие не владеете за народот. Вие владеете за профитот”, заврши тој.