Утрински Весник
Македонија

Левица: Брутална партизација на антидискриминаторна со партиски послушници на Вреди и ДПМНЕ

Levica Logo Crveno Transparent.png

Соопштение за јавност на Левица:

Ја информираме јавноста дека на утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеничката група на Левица ќе гласа ПРОТИВ предлогот, поради бруталната партизација на оваа институција и тоа со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед – кадар предложен од ВРЕДИ аминуван од ДПМНЕ.

Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор – нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи.

И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани. 

Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити!
Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност, и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ.

Ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните.

Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции, продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата кои треба да бидат автономни.

Можете да прочитате

Преку измама го продал имотот на татко му, кривична пријава за две лица

Муцунски: Фокусот на учеството во Давос беше економијата, трговијата и инвестициите

Опожарено ,,Ауди” на паркинг во Кисела Вода