Владата соопшти дека се завршени административните процедури кои беа потребни за итна набавка на лекот „Трикафта“ за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.
„Испораката на лекот Трикафта за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек“, велат од Владата.
За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот Трикафта за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.
Дополнително во текот на денешниот ден, како што информираа од владината прес-служба, во Владата ќе се одржи втор состанок на посебното тело во кое се директно вклучени и институциите и претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза. На денешниот состанок, во инклузивен и транспарентен процес, се очекува да се финализираат потребните измени на законските решенија, со што ќе и се овозможи на државата директно да преговара за набавка на лекот Трикафта и на овој начин да се обезбеди лекот за сите пациенти.
Се додава дека со овие измени на постоечките законски регулативи, кои се очекува работната група да ги заврши до крајот на неделата, се обезбедува системско решение, бидејќи државата ќе биде во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија.