
Македонската ракометна репрезентација Европското првенство го заврши на 14.место, а селекторот на нашата репрезентација Кирил Лазаров во гостувањето во Македонската телевизија во специјалната емисија по повод финалето се осврна и на нашиот настап.
– За да имаме подобри резултати потребно е да имаме селекција, која ќе биде физички подготвена за сите предизвици и за ритамот на играње на големо првенство, односно во клубовите да се работи и репрезентативците ќе дојдат подготвени, како што тоа е со играчите од германските и данските екипи и другите големи европски тимови. Мора да имаме играчи што ќе играат во „два правца“, изјави Лазаров.
За нашиот следен противник во баражот за Светското првенство, Украина или Словачка селекторот истакна:
– Сè уште не ни е познат противникот. Ќе знаеме во март против кого ќе играме. Украина би требало да е фаворит, но никогаш не се знае. Со Украинците игравме контрола пред Европското и во првиот дел ни направија проблеми, но на крајот сепак победивме. Мора да бидеме максимално ангажирани, ако сакаме пласман на Светското првенство во Германија.
Бараж дуелите со победникот од дуелот Украина или Словачка македонските ракометари ќе ги играат во месец мај годинава.


