
Русија и Соединетите Американски Држави го продолжуваат билатералниот дијалог, но не со брзо темпо, како што би се сакало , изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во руско-американските односи има многу иритантни работи кои ги наследивме од претходната американска администрација. Ќе биде потребно многу време тој неред да се реши. Со доаѓањето на новата администрација, почувствувавме подготвеност за продолжување на дијалогот. Тоа се случува, но не толку брзо како што би сакале, рече Лавров во интервју за РИА Новости, пренесува „Политика“. Тој потсети дека претставници на двете земји на пролет одржале две рунди консултации, за време на кои се постигнати низа договори за подобрување на условите за живот во дипломатските претставништва.
– Што се однесува до нас, сметаме дека е важно во рамките на овој дијалог да одиме подалеку од прашањата за дипломатските мисии. Исто така, треба да се позанимаваме со прашања како што се воспоставување директна воздушна врска и враќање на рускиот дипломатски имот кој незаконски ни го одзеде (поранешниот претседател на САД) Барак Обама во декември 2016 година, три недели пред првата инаугурација на (американскиот претседател) Доналд Трамп“, рече Лавров.
Тој посочи дека во моментов се во тек работни контакти меѓу Русија и САД околу можностите за продолжување на дијалогот за тие прашања.
– Сè уште чекаме. Нашите предлози во врска со дипломатските недвижности и воздушниот сообраќај се пренесени на американската страна. Во моментов се во тек работни контакти во врска со можноста за продолжување на дијалогот, наведе Лавров.
Тој додаде дека е подготвен да одржи лична средба со американскиот државен секретар Марко Рубио кога тоа ќе биде потребно, бидејќи редовната комуникација е важна за разговор за билатералните прашања и околу војната во Украина.
– Државниот секретар Марко Рубио и јас ја разбираме потребата од редовна комуникација. Тоа е важно за разговор за украинското прашање и унапредување на билатералната агенда. Затоа комуницираме телефонски и подготвени сме да одржиме лични состаноци кога е тоа потребно, рече Лавров.
Тој повтори дека завршувањето на конфликтот во Украина е невозможно без решавање на неговите причини и земање предвид на руските интереси.
– Според наше мислење, завршувањето на конфликтот е невозможно без земање предвид на руските интереси и искоренување на неговите основни причини, истакна Лавров.
Нагласи дека прашањето за сопственоста над полуостровот Крим за руската страна е затворено.
– Што се однесува до Крим и Севастопол, жителите на полуостровот го искористија своето право на самоопределување на референдумот уште во март 2014 година, на кој гласаа за повторно обединување со Русија, истакна тој. Лавров, исто така, рече дека Русија не ги открива сите детали од своите разговори со САД за украинското прашање.
– Од очигледни причини, не ги откриваме сите детали од нашите разговори со американската страна за украинското прашање, иако кога медиумите објавуваат отворени лажни информации, природно даваме соодветни коментари, рече Лавров, одговарајќи на прашањето дали американската администрација назначила подготвеност де јуре да го признае Крим како руска територија, во рамките на мировниот план за Украина.
Лавров додаде дека руско-американската дискусија за украинското прашање опфаќа широк спектар на теми и не е ограничена на еден аспект.
Дискусијата опфаќа широк спектар на теми и не е ограничена на еден аспект. Иако токму така некои новинари и експерти се обидуваат да ги ‘прикажат’ преговорите, што е во основа неточн“, заклучи Лавров.
Во интервјуто, тој се осврна и на Договорот за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ).
– Идејата на рускиот претседател Владимир Путин за зачувување на ограничувањата утврдени со СТАРТ по февруари 2026 година е едноставна и не бара длабинска дискусија, а Русија нема намера да ги убедува Соединетите Американски Држави да го прифатат тој предлог, изјави Лавров.
Тој рече дека иницијативата што Путин ја изнесе во новиот Договор за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ) „зборува сама за себе“.
– Таа е ослободена од каква било скриена агенда и е исклучително лесна за разбирање. Нејзината практична примена нема да бара никакви посебни дополнителни напори. Затоа не гледаме потреба од детална дискусија за нашата идеја, рече Лавров.
Тој истакна дека Русија нема намера да ги убедува САД да го прифатат предлогот на Путин за продолжување на ограничувањата утврдени со СТАРТ по февруари 2026 година, кога истекува актуелниот договор.
– Не се обидуваме никого да убедиме. Веруваме дека нашиот потег е во интерес на двете страни и на целата меѓународна заедница. Подготвени сме за секој развој на настаните. Меѓутоа, се надеваме дека исходот ќе биде позитивен, рече министерот.
Тој нагласи дека за спроведување на иницијативата е потребен само реципроцитет од страна на САД. – Ќе се придржуваме до доброволните ограничувања само ако и сè додека се придржува и другата страна, рече Лавров.
Путин претходно изјави дека Русија е подготвена да продолжи да се придржува до ограничувањата од Договорот за намалување на стратешкото вооружување уште една година по 5 февруари 2026 година, кога истекува постојниот договор, но дека чекорите за почитување на ограничувањата од Новиот СТАРТ ќе бидат ефективни ако и Соединетите Американски Држави на ист начин учествуваат во тоа.
Говорејќи за војната во Украина, Лавров рече дека изгледа оти САД наишле на потешкотии во убедувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да не го попречува мировниот процес за завршување на војната во Украина. Лавров рече дека САД, на средбата меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска, ја убедувале Русија „дека ќе можат да обезбедат Зеленски да не го попречува постигнувањето мир“.
– Изгледа дека во тој поглед се појавија одредени тешкотии. Згора на тоа, колку што знаеме, Брисел и Лондон се обидуваат да го убедат Вашингтон да се откаже од намерата да ја реши кризата со политички и дипломатски средства и целосно да се вклучи во напорите да изврши воен притисок врз Русија, односно конечно да стане дел од ‘воената страна’, нагласи Лавров.
Осврнувајќи се на намерата на Европската Унија да го преземе замрзнатиот руски имот, Лавров рече дека не постои законски начин за одземање на замрзнатиот руски имот. – Цинизмот со кој Европската комисија ја толкува Повелбата на Обединетите нации и другите меѓународни правни норми, вклучувајќи ги одредбите за суверениот имунитет и неповредливоста на имотот на централните банки, одамна престана да биде изненадувачки. Ваквите акции се очигледна измама и грабеж. Се чини дека кај Европејците се разбудиле долгогодишните инстинкти на колонизатори и пирати, додаде Лавров.
Тој истакна дека „без разлика на тоа како е поставена шемата за изнуда на руски пари, не постои легален начин тоа да се направи“, како и дека конфискацијата на замрзнатиот руски имот нема да ја спаси Украина и таа нема да може да отплати никакви долгови.
– Конфискацијата на нашите златни и девизни резерви нема да ги спаси киевските штитеници на ‘обединета Европа’… Јасно е дека режимот нема да може да врати никакви долгови и никогаш нема да ги отплати своите кредити, рече Лавров.
Тој предупреди дека, ако Западот го пренесе рускиот замрзнат имот на Киев, Русија ќе одговори според принципот на реципроцитет.
– Русија ќе одговори на соодветен начин на секое дело на бандитизам во согласност со принципот на реципроцитет, врз основа на националните интереси и потребата да се надомести штетата што ни е нанесена. Брисел и другите западни престолнини можеби сепак ќе се вразумат и ќе се откажат од планираната авантура, заклучи Лавров.



