Утрински Весник
Свет

Лавров го поздрави ставот за Украина на кандидатот за потпретседател на Трамп

20240718073933 Big 730x400 62.webp.webp

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го поздрави кандидатот за потпретседател на Доналд Трамп, Џеј Ди Венс поради неговиот став за војната во Украина, која Москва ја почна пред повеќе од две години.

Како што пренесе ДПА, Венс, сенатор од Охајо, се изјасни за мир и ставање крај на воената помош за Украина, рекол Лавров вчера во Обединетите нации во Њујорк.

– Можеме само да го поздравиме ова бидејќи тоа е токму она што е потребно – да престанеме да ја разгоруваме Украина со оружје, рече Лавров.

– Војната ќе заврши. Ќе почнеме да бараме решенија, додаде тој.

САД се најголемиот снабдувач со оружје за Украина со цел да му помогнат на Киев да ја одбие руската инвазија која почна на 24 февруари 2022 година.

Сепак, постои загриженост меѓу сојузниците на Вашингтон во НАТО дека американската поддршка може значително да се намали доколку претседателските избори во ноември го вратат Трамп во Белата куќа, бидејќи тие се сомневаат во неговата подготвеност да ги поддржи воените напори на Украина.

Лавров рече дека слушнал дека Венс е за ставање крај на испораката на оружје за Украина и оти е посветен на изнаоѓање решение за војната во Украина.

Венс, поранешен жесток критичар на Трамп, сега сесрдно го прифати и се смета за ѕвезда во подем во Републиканската партија.

Тој често се противи на американската помош за Киев и гласаше против пакетот помош од 61 милијарда долари за Украина, кој Сенатот го одобри во април.

Само неколку дена пред да избие војната, Венс изјави: „Навистина не ми е гајле што ќе се случи со Украина на еден или друг начин“.

Трамп, кој во понеделникот беше официјално номиниран за претседателски кандидат на Републиканската партија, постојано тврди дека ќе може да ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа, без да наведе детали како ќе ја постигне таа цел.

Можете да прочитате

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина