Утрински Весник
Македонија

Лавина реакции по владината одлука за спојување на концесиите за рудник во Иловица, активистите подготвуваат протест

Лавина реакции по владината одлука за спојување на концесиите за рудник во Иловица, активистите подготвуваат протест

Објавата на владината одлука за спојување на концесиите за експоатација на минерални суровини за руди на бакар и злато на локалитетот Иловица, наиде на реакции кај активистите кои повторно алармираат на апокалиптично загадување и колапс на земјоделието и економијата.

dobivaj vesti na viber

Од здружението „Здрава котлина“ велат: „Рудник нема да има“. Активистите на социјалните мрежи пишуваат дека премиерот Димитар Ковачевски дозволил спојување на концесиите, со посредство на ДУИ, откако Назиф Дестани вложил милиони евра за 25 проценти од акциите во „Еуромакс Рисурсис“. Најавија дека народот активно ќе се мобилизира и ќе се самоорганизираат да делуваат на секаков можен начин.

Активистот Крум Велков од иницијативата „Стоп за рудници“, кој веќе седма година води битка против овој план коментира дека „Еуромакс Рисорсис“ ги крие опасностите од рудникот, а сега соочена со реакциите се заканува со тужба.

„Жалам што мораме повторно да ве опсипуваме со фактите за Рудникот на смртта, главно за оние што не ги знаат. Замислете како ни е нам веќе седма година. Денеска, Еуромакс Рисорсис, соочени со бурните реакции по повод криената одлука на владата, објавија нешто налик на соопштение за притисок (веројатно нивниот портпарол Живко Гробарот парамасонски го пишувал, доколку не го набркале и него), во кое практично се закануваат дека доколку не отвореле рудник, ќе ја тужеле државата и ќе барале над една милијарда долари отштета. Тие за петнаесетина години немаат вложено повеќе од дваесетина милиони, и добар адвокатски тим ќе ги направи параспур на меѓународна арбитража, плус евентуални контратужби за низа работи, на пример долгогодишното криење на опасностите од рудникот. Значи, тие во Македонија би оставиле само 2-3% од вредноста, во коктел со апокалиптично загадување и колапс на земјоделието/економијата, а другите 97% одат јабана. Познати се по тоа што бескрупулозно лажат“, вели Велков.

Тој и претходно има предупредено дека од работата на рудникот ќе добиеме тешки метали, цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфати, комплекси од метали, селен, манган, кадмиум, талиум, жива.

Од друга страна, Еуромакс Ресоурсис уверува дека ќе работи по највисоки стандарди.

„Во технолошкиот процес во рудникот Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и најсовремени техники и практики за експлоатација на минерални суровини. Нема никаква основа за било каква грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана“, велат од компанијата.

Министерството за економија тврди дека нема да дозволи отворање рудник во Иловица без одобрение од локалното население.

Можете да прочитате

Под контрола два пожари на отворен простор

Околу 30 илјади патници минале на ГП „Ќафасан“ во последните три дена

Апасиев во Крушево: Борбата е вечна, победата неизбежна