Утрински Весник
Македонија

Лашкоска: Протоколот за вода и здравје – рамка за побезбедна и поодржлива иднина

4.jpg
Dik 300x250 mk

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, учествуваа на високиот сегмент на Седмото собрание на страните на Протоколот за вода и здравје, организирано заеднички од Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа (WHO/Europe), по покана на Владата на Унгарија.

Оваа седница го одбележува 20-годишниот јубилеј од стапувањето во сила на Протоколот – единствен меѓународен инструмент кој го поврзува управувањето со водите со заштитата на јавното здравје. Темата на високиот сегмент, „Отпорни системи за вода и санитација за побезбедна и поздрава иднина”, ја нагласува важноста на координираниот и интегриран пристап во услови на климатски и здравствени предизвици.

„Во изминатите две децении, Протоколот за вода и здравје претставува извонреден пример на соработка меѓу секторите за животна средина и здравје, промовирајќи безбеден пристап до вода, санитација и хигиена за сите,” истакна заменик-министерката Лашкоска.

Таа додаде дека нашата држава останува посветена на целите на Протоколот, кој за земјата претставува повеќе од правен инструмент – рамка за напредок и усогласување на националните политики со европските приоритети за одржлив развој и климатска отпорност.

„Овој јубилеј не е само повод за славење на постигнатото, туку и повик за обновена посветеност. Да продолжиме да работиме заедно – преку граници, сектори и генерации – за поздрава, побезбедна и поодржлива иднина за сите,” порача Лашкоска.

Таа истакна дека нашата држава активно инвестира во модернизација на инфраструктурата за вода и санитација, воведување дигитални системи за мониторинг и подобрување на пристапот до безбедна вода, особено во руралните и ранливите заедници.

Состанокот во Будимпешта ги обедини министрите, владините претставници и меѓународните организации од целиот свет. Заклучоците од високиот сегмент ќе бидат вклучени во подготовките за Конференцијата на Обединетите нации за води 2026, што ќе се одржи во Обединетите Арапски Емирати во декември 2026 година.

Можете да прочитате

Филипче: Македонија доби најлош извештај од ЕУ во последните 10 години

Јаневска на Светскиот ден на ромскиот јазик: Го негуваме јазичното и културното богатство

Два автомобили излетале од патот, еден удрил во заштитна ограда, возачите тешко повредени