
Ланс Ренмарк беше дел од седумчлениот тим од Гетеборг, Шведска, кој престојуваше во Кочани, како психолошка и морална поддршка за семејствата на настраданите и за граѓаните по трагедијата во клубот „Пулс“. Како научник и доктор во областа на социјалната заштита, тој пренесе дел од сопствените искуства за начинот на закрепнување по траумата што го погоди Кочани, регионот и државата.
Учествувал во повеќе практични проекти во рамки на Центарот за поддршка по трагичниот пожар што кон крајот на октомври 1998 година се случил во дискотека во Гетеборг, а коавтор е на книгата „Како редење сложувалка“ во која се преиспитуваат настаните што следеле потоа.
Во интервју за МИА, Ренмарк зборува за впечатоците од разговорите со луѓето во Кочани и за потребата од менување на недостатоците во системот, за да се спречат слични трагедии.
Можете ли да ни кажете за сличностите и разликите за настанот во Гетеборг и овој во Кочани, што ги поврзува двата случаја?
– Сличностите се навистина ужасни и тоа е една од причините зошто нѐ замолија да дојдеме овде. Главната сличност е во тоа што се работи за катастрофа со млади луѓе. Тоа е катастрофа за време на забава, знаете на што мислам, настан на кој никој не очекувал дека ќе се случи тоа, толку ненадејно. И според бројот на настрадани има многу сличности, тоа е нешто по што се препознаваат двете катастрофи. Иако беше пред речиси 30 години во Гетеборг, сепак, е многу релевантно за споредба, но и за да се согледаат разликите.
Имавте непосредни разговори овде со луѓето чии блиски настрадаа и со повредените?
– Да, бевме на гробиштата овде и не знаевме што да очекуваме. Се случи да не знаеме каде да го ставиме нашето цвеќе, со оглед што имаше повеќе од 20 гроба во еден ред. Ги видовме семејствата и прашавме дали може да го ставиме цвеќето, тие нѐ понудија со сендвичи и така почнавме. Исто така, на затворените сесии што не беа со многумина, имаше браќа и сестри, родители, повредени и други млади, иако не во бројка што е репрезентативна, но, сепак, имаше многу специфични случаи.
Какви се вашите впечатоци од тие разговори со луѓето овде?
– Многу се слични, постојано, но една работа што мислам дека е добра е што разговараат со возрасни, со професионалци, со психолози. Генерално, мислам дека е повеќе страв, како знак на разочарување, дека ова можеби нема да се реши на фер и сигурен начин од страна на властите. Утрово, на евалуацијата, реков дека состојбата на катастрофа или криза е екстремен тест за општеството, сѐ се разоткрива и се покажува во зависност од тоа дали луѓето сакаат да се променат или ќе почнат да се бранат, да се затвораат. Затворањето може да биде на кој било начин, но соочувајќи се со културата овде, за што се обидовме да прочитаме повеќе пред да дојдеме, има една прилично експлицитна порака во секој напис за земјата, а тоа е дека ќе сретнете пријателски настроени луѓе. Генерално и ние го видовме тоа и ако политиката не функционира, потпрете се на вашата култура, затоа што бевме многу добро примени овде. Тоа мене ми дава некаква верба, а можеби и нему како млад човек, му дава некаква верба, но, сепак, се работи за страв.