
Универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ оцени дека актуелните случувања во јавното обвинителство се одраз на подлабоки системски слабости и дисфункционалности, а не резултат на поединечни одлуки.
Говорејќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Лабовиќ, коментирајќи ја оставката на обвинителката Ленче Ристоска, посочи дека фокусот не треба да биде на личните потези, туку на функционирањето на системот.
„Не би коментирал лични одлуки, бидејќи на системот не му се потребни лични одлуки. Ова може да биде резултат на многу негативности во нашиот систем, особено кога станува збор за јавното обвинителство, како и на дисфункционалностите во неговото функционирање“, изјави Лабовиќ.
Според него, во конкретниот случај постои и двоен аспект – од една страна негативна перцепција кон личноста, а од друга страна прекумерна медиумска изложеност.
„Постои одредена негативност кон неа, но од друга страна, таа беше и премногу експонирана во јавноста“, додаде професорот.
Лабовиќ се осврна и на поширокиот институционален контекст, посочувајќи дека станува збор за лице кое било дел од, како што рече, „антиуставна и квазиинституционална структура“, која подоцна била предмет на реформи.
Тој заклучи дека ваквите ситуации ја отвораат потребата од сериозни системски промени, наместо фокусирање на индивидуални случаи.

