Засилен инспекциски надзор во градинките, овозможување тестирање на територијата на цела држава за пертусис, како и задолжителна дигитална евиденција за вакцинација се дел од препораките кои Комисијата за заразни болести ги даде денеска по одржаниот состанок на кој било разговарано за состојбата со голема кашлица.
Според Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, во земјата до денеска има вкупно 123 заболени лица со пертусис, од кои 109 лица се во Град Скопје и со тоа, како што рече, оправданоста на епидемијата која е прогласена во Скопје доби потврда.
„Спорадично имаме случаи во Дебар, Струмица и Тетово, меѓутоа не може да кажеме дека состојбата се разгорува на национално ниво, што е добро“,рече Мехмедовиќ.
Тој додаде дека вакцинацијата се одвива добро и ќе продолжи со исто темпо и оти вакциналните пунктови работат во две смени и аплицирани се 22 395 дози вакцини.
Препорачуваме Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го засили инспекцискиот надзор на територијата на Град Скопје да добиеме пореална слика дали се почитува препораката на Комисијата за тоа дали се примаат невакцинирани деца во градинките. Комисијата за заразни болести препорача да се овозможи тестирање на територија на цела држава за пертусис, а кое ќе биде спроведувано во Центрите за јавно здравје, за што досега таква можност немаше. Следната препорака е дигитална евиденција за вакцинација да биде задолжителна за да има реален и подобар преглед на податоците во однос на децата кои се вакцинираат“,рече Мехмедовиќ.
Во Скопје досега регистрирани 120 случаи на голема кашлица, Комисијата за заразни болести ќе се состане утре
Во однос на препораката за вакцинирање на возрасните, Мехмедовиќ најави дека на 15 март се очекуваат да пристигнат првите вакцини што ќе бидат наменети за оваа група.
„Информацијата која ја добивме од Комитетот за имунизација е дека на 15 март се очекуваат да пристигнат првите вакцини што ќе бидат наменети за возрасни. Процедурата која е поврзана со пристигнувањето на вакцините и нивната регистрација е дел од работата на Комитетот за имунизација“,рече тој.
Во однос на тоа кои возрасни лица треба да се вакцинираат, Мехмедовиќ рече дека предност ќе се дава на оние што живеат со деца кои се под посебен ризик да заболат од пертусис и кај кои ќе има тешка клиничка форма на болеста, а тоа се децата до две години. Исто така, Мехмедовиќ рече дека предност ќе имаа и вработените кои се во директен контакт со децата кои се на оваа возраст.
„Бремените жени кои се во третиот семестар од нивната бременост би требало да се вакцинираат со цел да се направи подготвеност на детето кога ќе биде родено да има одреден имунитет додека да направи два месеци и да ја прими првата доза на вакцината“,додаде Мехмедовиќ.
На прашањето дали доколку се детектира дека во градинките има невакцинирано дете тоа значи дека од наредниот ден нема да биде примено, Мехмедовиќ одговори потврдно и рече дека тоа е поентата на препораката за засилено да се детектираат и изолираат тие деца за да нема опасност по нивното и по здравјето на другите деца.