Утрински Весник
Македонија

Кузмановска: Најголем предизвик не е медицината, туку одлуката за донирање органи

Img 1639.jpeg

Во изминатите две години Македонија бележи напредок во развојот на трансплантациската медицина, но клучниот предизвик и натаму останува – согласноста за донирање органи. Ова го истакна Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Таа нагласи дека се направени сериозни чекори во зајакнување на системот, особено преку проширување на мрежата на болнички координатори и континуирана едукација на медицинскиот кадар. Обуките се реализираат како во земјава, така и во странство, со фокус на навремено препознавање на потенцијални донори, особено во одделенијата за интензивна нега.


Дополнително, зголемен е капацитетот на мултидисциплинарните тимови кои учествуваат во трансплантациите – хирурзи, анестезиолози и интернисти – со цел повисок квалитет и подготвеност на процедурите. Како новина во системот е воведена и кератопластика, односно трансплантација на корнеа.

Само во првите месеци од годината се идентификувани осум потенцијални донори, а веќе е реализирана и една кадаверична трансплантација. Сепак, најтешкиот дел од процесот останува разговорот со семејствата на починатите пациенти.

„Станува збор за луѓе кои се во длабок емоционален шок. Одлуката за донација е сложен социолошки, психолошки и културолошки процес“, истакна Кузмановска.

Таа појасни дека не секој починат пациент може да биде донор, бидејќи се применуваат строги медицински критериуми, најчесто поврзани со мозочна смрт, која настанува по тешки повреди, сообраќајни несреќи или мозочни крварења. Во такви случаи постои краток временски прозорец за одржување на органите и нивна трансплантација.

Процесот е исклучително сложен и подразбира паралелна евалуација на органите, подготовка на медицинските тимови и избор на најсоодветни приматели преку имунолошка типизација.

„Не станува збор само за пресадување орган – тоа е спојување на два биолошки системи кои треба да функционираат како еден“, нагласи Кузмановска.

Таа додаде дека со поголема поддршка од семејствата, бројот на трансплантации би можел значително да се зголеми. Целиот процес е строго регулиран преку Министерството за здравство и се евидентира во системот „Мој термин“, каде се бележат и согласностите и одбивањата.

Како клучна алка, Кузмановска ја потенцираше едукацијата на јавноста, која се реализира преку медиумски кампањи, гостувања и трибини низ земјата – во Охрид, Битола и Штип.

„Едукацијата е најважна – само така можеме да ја зголемиме свесноста и да спасиме повеќе животи“, порача таа.

Можете да прочитате

Велев: Пациенти со дијабетес со месеци без терапија и сензори!

Марјановиќ: Онкологијата во хаос – нема регистар, нема систем, пациентите оставени сами на себе

Кузмановска: Пациентите прифаќаат бубрег и црн дроб но одбиваат трансплантација на срце