Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, беше седмoпласиран во изборот за „Златната топка“, наградата која синоќа се додели во Париз. Белгискиот голман го доби признанието за најдобар голман, именувана по Лав Јашин. Сепак, тој не беше целосно задоволен. По наградата имаше забелешки и на самиот избор.
„Ако сте голман, невозможно е да ја освоите „Златната топка“. Реал Мадрид го освои шампионатот и Лигата на шампионите поради моите одбрани. И јас завршувам седми во гласањето за „Златната топка“… Но, барем има награда за најдобар голман. Сепак, горд сум затоа што ја освоив таа награда како голман на Реал“, изјави Куртоа.
Белгискиот голман блескаше целата мината сезона на голот на Реал. Во финалето на Лигата на шампионите го одигра натпреварот на кариерата и спаси неколку стопроцентни шанси за играчите на Ливерпул.
„Златната топка“ ја освои неговиот колега, напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема.