
Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел остро реагира на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можно преземање на контролата врз Куба.
Трамп во понеделникот пред новинарите рече дека „ќе има чест да ја преземе Куба“.
„Верувам дека ќе имам… чест да ја преземам Куба. Тоа би било добро. Тоа е голема чест“, рече тој при потпишување извршна наредба во Белата куќа.
Дијас-Канел вчера посочи дека САД ќе се соочат со „непоколеблив отпор“ доколку се обидат да ја преземат земјата.
Во објава на платформата „Икс“ кубанскиот претседател наведе дека САД речиси секојдневно јавно се закануваат со насилно уривање на уставното уредување на Куба.
„Тоа е единствениот начин да се објасни жестината на економска војна како колективна казна против целиот народ“, напиша тој.
Трамп изминатите неколку седмици во неколку наврати посочуваше дека Куба е на работ на колапс. Под негова управа Вашингтон го зголеми економскиот притисок врз островската држава, со цел да го прекине приливот средства од странство како и нафта.
Притисокот се засили по операцијата на САД во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро. Тоа ја лиши Хавана од еден од најважните сојузници, од каде што обезбедуваше нафта независно од децениското економско и трговско ембарго наметнато од САД.
Во моментот Куба се соочува со една од најтешките економски кризи од револуцијата предводена од Фидел Кастро во 1959 година.

