Утрински Весник
Свет

Куба ќе ослободи 553 затвореници откако САД ја отстранија од листата на земји кои го спонзорираат тероризмот

20250115073758 Big 730x400 61.webp.webp

Владата на Куба вчера соопшти дека ќе ослободи 553 затвореници по најавата на американската администрација во заминување дека ќе ја отстрани карипската земја од листата на држави кои спонзорираат тероризам.

– Одлуката на САД е чекор во вистинската насока, изјави кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез но додаде дека мерките се „задоцнети и ограничени“.


– Куба никогаш не требаше да биде вклучена во произволна листа на држави кои спонзорираат тероризам. Тоа беше произволна и политички мотивирана одлука со многу сериозно влијание врз кубанското население, оштетувајќи ја економијата, предизвикувајќи недостиг и охрабрувајќи ја миграцијата во САД, напиша Родригез на Х.

– Се уште е во сила прогонот на резервите на гориво, програмите за медицинска соработка, финансиските и комерцијалните трансакции, туризмот, патувањата на американските граѓани и се што претставува извор на приход за нашето население, продолжи Родригез, повикувајќи да се стави крај на американското трговско ембарго против Куба, кое е во сила од 1962 година.

Според кубанското Министерство за надворешни работи, планираното ослободување на 553-те затвореници осудени за различни кривични дела треба да се одвива во фази.

Стотици луѓе се затворени во земјата поради учество во мирни протести. Засега е нејасно кој ќе биде ослободен.

Одлуката на Бајден да го укине статусот на Куба како држава спонзор на тероризмот доаѓа во последните денови на неговата администрација. Одлуката, која се смета за главно симболична, ќе мора да биде разгледана од Конгресот.

Претходникот и наследникот на Бајден, Доналд Трамп, ја врати Куба на листата непосредно пред крајот на неговиот прв мандат во 2021 година. Тој може директно да ја отповика одлуката на Бајден по неговата инаугурација в понеделник.

Можете да прочитате

На рудари во нелегален рудник за злато во Јужна Африка им била скратена храна и вода, извлечени се 60 тела

Полскиот премиер тврди дека е постигнат напредок со Украина во врска со спорот од Втората светска војна

Градоначалничката на Лос Анџелес издаде наредба за обнова на домовите погодени од шумски пожари