
Становите во Скопје продолжуваат да поскапуваат, иако темпото на раст е благо забавено во однос на минатата година. Според најновите податоци од Народната банка, во првиот квартал од годинава цените на становите се зголемиле за 16,7 проценти на годишно ниво, додека на квартално ниво растот е минимален – 0,1 процент.
Овие податоци се базираат на индексот на цени на недвижности, кој се изработува врз основа на огласени станови за продажба во Скопје.
Минатата година, пак, растот на цените бил уште поизразен. Во текот на 2025 година, становите бележеле континуирано двоцифрено поскапување – од 19,5 проценти во првиот квартал, до над 25 проценти во третиот и четвртиот квартал.
Според Агенцијата за катастар на недвижности, се очекува и во текот на оваа година пазарот да продолжи со умерен раст, со зголемен интерес за инвестиции и континуиран раст на закупнините.
Становите и натаму остануваат најдоминантен сегмент на пазарот на недвижности. Во 2025 година тие учествувале со 33 проценти од вкупниот број купопродажби, но дури со 48 проценти од вкупната вредност на пазарот.
Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9 проценти, нивната вкупна вредност е зголемена за 10,8 проценти, што укажува дека цените по квадратен метар растат.
Најголема активност е забележана во општините Центар, Аеродром и Карпош, кои воедно имаат и највисоки просечни цени. Во Центар квадратот достигнува околу 1.692 евра, во Аеродром 1.558 евра, додека во Карпош 1.419 евра.
Податоците покажуваат и значителни разлики во цените на поединечни недвижности. Така, најскапиот продаден стан е во Аеродром со цена од 166.500 евра, додека најскапата куќа е продадена во општина Центар за 1,5 милиони евра. Највисока цена меѓу деловните објекти достигнува дури 6,8 милиони евра, исто така во Центар.
Трендот укажува дека, и покрај намалениот број трансакции, пазарот на недвижности останува силен, со стабилен раст на цените и висок интерес од инвеститорите.

