
Мартин Гоџо од охридската населба Варош, повторно беше најсреќен на денешното Богојавление – Водици и успеа да го фати светиот крст во Охридското езеро.
Со ова традиционално положување на крстот, Мартин се стекна со благослов и среќа за претстојната година, во духот на вековната православна традиција. Тој и минатата година беше најбрз и највешт во водите на Охридското езеро и прв го пронајде светиот крст.
Оваа година, за првпат, водите на езерото ги освети новиот митрополит дебарско-кичевски, владиката Георгиј, кој положи и Чесниот крст. Владиката истакна дека Богојавление – Водици претставува еден од најзначајните настани не само за Охрид, туку и за целата Македонија, нагласувајќи ја природната важност на Охрид како центар на одбележувањето на празникот.
На Мартин Гоџо прв му честиташе градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а на настанот присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, како и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот.


