Борислав Крмов од Левица го предупреди претседателот на Собранието Талат Џафери дека седницата со предлози за измени на девет закони во корист на изведувачот на автопатските делници „Бехтел и енка“ ниту смеела ниту требала да се одржи. Тој се повика на Деловникот кој, според него, не бил испочитуван оти пратениците немале доволно време да ги разгледаат материјалите за вака сериозни измени на девет закони. Крмов ја даде забелешката откако беа повлечени предложените измени на Законот за заштита на културно наследство, но дел од останатите предлози за измени на законите добија поддршка
„Оваа седница во суштина не смее и не треба да се одржи. Најгрубо е прекршен член 68, кој вели ‘решението за свикување седница на Собранието со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат на дневниот ред на седницата, на пратениците им се доставуваат најмалку десет работни ден пред денот определен за одржување на седницата’. Овие материјали ни се доставени на трети, тоа е максимум пет дена, а седницата е закажана на шести, тоа се максимум два работни дена. Вие можете по став два да си го толкувате како итен случај ама не може секогаш кога треба нешто да се избутка на сила и да се направи шверцерај, да биде итен случај“, рече пратеникот Крмов.
Тој потсети дека изведувачот „Бехтел и енка“ го следат коруптивни скандали и во останатите земји во регионот и рече дека материјалите за измените на законите не биле никаде објавени.
„Материјали за вакви битни закони не беа ни на ЕНЕР ставени, не беа никаде ставени. Ја фаќате и јавноста и опозицијата на препад. И тоа за што, за еден конзорциум ‘Бехтел и енка’ кој не само во Македонија туку и во Косово во Албанија во Хрватска во Романија има исти вакви криминални случаи. Со овие девет закони или сега осум ние целиот правен систем го превртуваме на глава. За ‘Бехтел и енка’ не важат никакви закони. Тие ќе газат преку шуми, преку земјоделски земјишта, требаше да газат преку археолошки наоѓалишта, ќе кршат работнички права, што сакаат ќе прават. Само да се истурка овој криминал што без анекси треба да вреди милијарда и седумстотини милиони евра, а кој знае каде ќе го дотерате со анексите“, рече Крмов.
На пратениците од мнозинството кои гласаат против на дневен ред да бидат ставени точките кои ги предвидуваат измените на деветте закони за „Бехтел и енка“ Крмов им порача да излезат доколку навистина се против.
„Тројца до петмина колеги од мнозинството, баш забележав, се против. Не се перете со гласање против. Моментално кворумот е 62-63, излезете. Ве повикувам, ако вие навистина сте против овие предлог – закони излезете, срушете го кворумот и оваа седница ќе застане. Ние останатите, јас можам да зборувам за партијата Левица, ние ќе дадеме се од себе да ве спречиме“, рече пратеникот Крмов.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери објасни дека на ЕНЕР се објавуваат измените на законите кога ги предлага Влада, но не и кога ги предлагаат пратеници, како во овој случај, а во однос на пократкиот период за разгледување на материјалите и свикувањето на седницата рече дека го искористил правото што го има како претседател на Собранието.
„Кога цитирате дел од Деловникот, кажете го до крај. Став два не зборува за итна постапка, зборува за правото на претседателот на Собранието во рок пократок од десет дена да може да свикува седница и врз основа на ова е свикана седницата. Не е итно свикувањето седница, за итни постапки се други членови од Деловникот, ова за коректност, кога веќе комуницирате со јавноста. На ЕНЕР не одат предлозите од пратениците, доколку не сте занеле еве можност да разберете. Таму одат нацртите, драфт верзиите од Владата како овластена институција за предлагање закони. Значи предлозите на пратениците не одат на ЕНЕР“, рече претседателот Џафери.
Откога пратениците изгласаа сите измени на законите за „Бехтел и енка“ да бидат ставени на дневен ред освен измената на Законот за заштита на културно наследство, кој беше повлечен, Џафери ја прекина седницата и најави дека за нејзино продолжува пратениците ќе бидат дополнително известени.