
Работната група формирана за подготовка на новиот Изборен законик продолжува со работа, а пратеникот од Левица, Борислав Крмов, посочи дека за усвојување на законот ќе биде неопходен поширок политички консензус меѓу партиите.
„Изборниот законик е еден од клучните закони во државата. Неговото усвојување зависи од волјата на политичките партии, па затоа е потребен консензус“, изјави Крмов во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Иницијативата за подготовка на новиот изборен закон започна во ноември, кога во Собранието беше формирана работна група, која подоцна беше префрлена во Министерството за правда. Крмов информираше дека на првиот состанок се појавиле одредени проблеми со документацијата на албански јазик, што го одложило почетокот на работата.
„Фактички, не успеавме да почнеме со работа, но вчерашниот состанок беше многу успешен. Избрана е нова структура на работата, а министерот Филков ќе ја води групата како претседавач“, изјави Крмов.
Тој додаде дека на состанокот биле прифатени конструктивни забелешки за деловникот на групата, а следниот, трет состанок е закажан за 23 март. Тогаш, според најавите, ќе започне разгледувањето на конкретните предлози за измените во Изборниот законик.
„Имаме околу три до три и пол месеци до рокот поставен од премиерот, односно до јуни. На следниот состанок најпрво ќе се усвои новиот деловник, по што ќе започнат дискусиите за конкретните предлози. Сите предлози што ќе бидат консензуално прифатени ќе влезат во измените на законот“, нагласи Крмов.
Рокот и реформската агенда, според него, ја ставаат работната група пред сериозна обврска, но со конструктивен дијалог и координација меѓу политичките субјекти може да се постигне успешен исход.
Во продолжение погледнете ја целата емисија:


