
Три угостителски објекти во скопската општина Аеродром ќе се соочат со кривични пријави откако при полициска контрола било утврдено дека служеле алкохол на малолетници.
Како што информираат од МВР, во периодот од 19 до 22 март 2026 година, полициски службеници од ЕВР Аеродром и Драчево при СВР Скопје спровеле зајакнати контроли насочени кон почитување на законските одредби, особено во делот на точење алкохол на лица под 18 години.
Во рамки на акцијата биле контролирани вкупно 12 угостителски објекти на подрачјето на Аеродром, при што во три од нив биле затекнати малолетници кои биле послужени со алкохолни пијалоци.
По целосно документирање на случаите, против одговорните лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 204 од Кривичниот законик, кој се однесува на точење алкохол на малолетници.
Од полицијата најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел доследно почитување на законите и заштита на малолетниците.


