Кривична постапка против лидерот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, за бунт останува отворена и сè уште се истражува, објави весникот „Комерсант“ и три други руски новински агенции цитирајќи неидентификувани извори.
Претседателот Владимир Путин во саботата вети дека ќе го уништи, како што го нарече, предавничкиот бунт откога Пригожин рече дека неговите борци од групата „Вагнер“ ја презеле контролата врз јужниот град Ростов и се упатуваат кон Москва на, како што рече, маршот за правда наменет за отстранување на корумпираните и неспособни руски команданти.
Според договорот со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој ја смири кризата доцна во саботата, Кремљ соопшти дека кривичното дело против Пригожин ќе биде отфрлено и тој ќе се пресели во Белорусија. Неговите борци ќе се вратат во базата и исто така нема да се соочат со правна постапка, соопшти Кремљ.
Сепак, рускиот весник „Комерсант“ објави дека кривичното дело останува отворено и дека Федералната служба за безбедност (ФСБ) ја продолжува истрагата како дел од случајот. Се повикува на неидентификуван извор, кој вели дека немало доволно време да се затвори случајот.
Трите главни руски новински агенции – ТАСС, РИА и „Интерфакс“ – исто така објавија дека кривичната постапка против Пригожин останува отворена и дека истрагата продолжува.
„Кривичниот случај против Пригожин не запре, истрагата е во тек“, ТАСС цитира извор близок до Обвинителството.
Казната, според руските закони за такво кривично дело, е од 12 до 20 години затвор.
Пригожин, кој не е виден во јавноста по напуштањето на Ростов доцна во саботата, негира дека води бунт и не го коментира договорот.