
На 15.09.2025 Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје поднесоа кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, за сторено кривично дело „измама во службата ” член 355 став 1 во врска со став 2 од КЗ. Пријавената Л.Г., како службено лице – член на Судски совет на Република Северна Македонија, во временски период од 26.08.2022 до 15.01.2024 со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно, со што го довела во заблуда Судскиот совет да и исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите бр.02-1425/12 од 13.10.2010, а донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно одредбите од член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет.
Имено, пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година била избрана за член на Судски совет, од редот на судии од апелационо подрачје Штип, при што, согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај. Согласно тоа, пријавената Л.Г. поднела барање, кон кое доставила копија од лична карта, одлука за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиното потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата.
Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024) во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет на РСМ.