Поранешниот легендарен аргентински напаѓач, Ернан Креспо смета дека светот на фудбалот има „долг“ кон Лионел Меси и дека би било совршено тој да си замине со титулата од Светското првенство во Катар.
„Мислам дека тој заслужува се во фудбалот, бидејќи е тип на играч кој има респект за сите работи во фудбалот, за противниците, за правилата, за фановите, за клубот и за земјата која ја претставува. Не знам што ќе се случи на СП, но мислам дека фудбалот има долг кон него, тој заслужува светска титула. Нашите чувства како Аргентинци оваа година се едноставни: сакаме Лео Меси да ја освои титулата, а потоа сакаме Аргентина да ја освои титулата. Тој е на прво место, поважно е тој да си замине со трофеј. Тој беше дел од нас последните 15 години и навистина го заслужува тоа“, вели поранешниот напаѓач на Милан.
47-годишниот Креспо играше со Меси на два турнири, СП во Германија во 2006 и Копа Америка во 2007 година.
„Играв со него на СП во 2006, тогаш тој само што го освои СП до 20 години со Аргентина и веднаш беше пратен во сениорскиот тим. Беше многу млад и многу срамежлив. Но, и тогаш се виде дека има респект кон фудбалот. Сите околу него стануваа подобри играчи, толку е едноставно“, вели Креспо.