Утрински Весник
Свет

Кремљ: Трамп го покани Путин во Комитетот за мир во Појасот Газа

Kremlj.jpeg

Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин добил покана да учествува во Комитетот за мир во Појасот Газа, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

– Да, претседателот Путин исто така преку дипломатски канали доби покана да се придружи на Комитетот. Во моментот се разгледуваат сите детали на овој предлог и чекаме контакт со американската страна за да ги разјасниме сите нијанси, истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Формирањето на Комитетот за мир беше објавено минатата недела, неколку месеци по постигнувањето на кревко примирје во Појасот Газа, како тело кое ќе ја надгледува демилитаризацијата и реконструкцијата на палестинската енклава, како и формирањето на преодна палестинска влада. Предвидено е одлуките да се носат со мнозинство гласови.

Во Комитетот за мир со кој ќе претседава Трамп, ќе членуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник, Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на американскиот претседател Џаред Кушнер. На списокот од седум лица, од кои пет се Американци, кои го сочинуваат она што Белата куќа го нарекува „основачки Извршен комитет“ се наоѓаат Марк Роуан, милијардерот и раководител на инвестицискиот фонд „Аполо глобал менаџмент“, претседателот на Светската банка, Аџај Банга, и Роберт Габриел, советник на Доналд Трамп, додека поранешниот бугарски министер за одбрана и поранешен претставник на ОН за Блиски Исток, ќе биде на висок претставник за Појасот Газа.

Секој од нив ќе надгледува дефиниран сектор неопходен за стабилизација и долгорочен успех на Газа, вклучувајќи го воспоставувањето структури на управување, регионални односи, реконструкција, привлечност на инвестиции, финансирање од големи размери и мобилизација на капитал, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Поранешниот командант на специјалните операции на САД, генерал-мајор Џаспер Џеферс е именуван за командант на Меѓународните сили за стабилизација на палестинската територија.

Трамп најави дека Комитетот ќе биде составен од „најважните лидери на најважните нации“. Членовите ќе имаат мандат до три години, освен во случај ако уплатат една милијарда долари.

Можете да прочитате

Хакери ја прекинаа програмата на иранската државна телевизија и емитуваа пораки од престолонаследникот Пахлави

Нема Нобел, тогаш заборавете на мирот: Трамп со скандалозно писмо до норвешкиот премиер

Вагоните преполовени, објавена снимка од воздух од железничката несреќа во Шпанија