Утрински Весник
Македонија

Кратка анализа на Кекеновски на Парадата во Москва 2025: Симболика, моќ и геополитичка порака

Kekenovski.jpg

Пишува: проф. д-р Јове Кекеновски

Парадата по повод 09 мај 2025 година во Москва претставуваше значаен политички и симболички настан, кој ги надмина досега воспоставените рамки на традиционално чествување на победата над фашизмот во Втората светска војна. Денешната парада во Москва беше повеќе од обична комеморација. Таа беше внимателно осмислена политичка и симболична порака. Додека се одбележуваше историската победа, парадата истовремено послужи за зајакнување на внатрешната поддршка и за демонстрација на меѓународни сојузништва во контекст на актуелните геополитички предизвици. Во услови на продолжен конфликт во Украина, економски санкции и променливата меѓународна сцена, Русија ја искористи оваа парада не само како спомен на историјата, туку и како алатка за современа политичка проекција. Оваа парада му даде на Путин инструмент за внатрешна консолидација, меѓународна демонстрација на сила и јавна порака за сериозна ревизија на светската улога на Русија. Од денешната парада Русија и Владимир Путин добија неколку значајни симболични, политички и дипломатски придобивки и затоа ќе се обидам во кратки црти да го пренесам моето видување за ефектите од истата.


Прво, се работи за внатрешна консолидација и патриотска мобилизација – Од внатрешен аспект, парадата послужи како средство за мобилизација на националната свест и легитимација на актуелната власт. Преку повикување на историската победа против нацизмот, Путин и државниот апарат успеаја да изградат мост помеѓу минатото и сегашната воена политика. Присуството на борци од фронтот во Украина, јавното обраќање со пораки за сила, победа и единство, и визуелното демонстрирање на воената способност беа насочени кон зацврстување на јавната поддршка и државната кохезија.

Второ, меѓународна димензија и демонстрација на влијание. Иако Русија се соочува со сериозна изолација од страна на Западот, присуството на лидери од Кина, Бразил, Словачка и други земји од Глобалниот Југ ѝ овозможи да испрати порака за алтернативен глобален поредок. Овој дипломатски ангажман на парадата ја нагласи новата стратегиска ориентација на Русија – надвор од западноцентричниот свет. Симболично, парадата стана место каде што се „испишува“ нова верзија на светскиот баланс.

Трето, парадата како инструмент на перцепциска моќ. Иако парадата е церемонијален чин, таа има силен ефект врз перцепцијата, како дома така и во странство. Русија успеа да испрати порака: ние сме тука, ние победуваме, ние сме силни, сè уште сме и ќе бидеме влијателен фактор во светот. Парадата функционираше како медиум за пренос на политичка порака, каде воената симболика, реториката на истрајност и демонстрацијата на сојузништва создадоа впечаток на држава што не попушта под притисок, туку контраудира со државничка самоувереност.

Резиме: Парадата во Москва во 2025 година претставуваше израз на рускиот стремеж да го реафирмира своето место во светот преку симболичка моќ. Таа служеше како арена за домашна кохезија, како дипломатска сцена за пријателски лидери, и како медиум за испраќање на порака дека Русија не се откажува од својата амбиција за глобално влијание. Колку таа порака ќе има ефект во реалната политика – останува да се види, но во симболичка смисла, парадата беше моќен акт на политичко самопотврдување.

Можете да прочитате

СДСМ: Од Осака до Венеција – Љутков е министер за култура или министер за туризам?

Некој им ги подготвува говорите на мајката и таткото, ова не е ни прва ни последна сообраќајка, вели Дуковски за предметот за усмртената Фросина

Маж со нож се шетал и заканувал по Широк Сокак во Битола – итно е уапсен