Ниту се шири руско, ниту било какво друго влијание, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан како ги коментира изјавите од опозицијата кои велат дека преку надзорни компании на изградба на коридорот 8 и 10 се шири руско и кинеско влијание во земјава.
„Во јануари велеа дека имаат 61 пратеник со кои оваа Влада нема да ја има. Велеа дека ќе имало избори во мај кога ќе завршела енергетската криза. Тие не се за работа, тие се за давање изјави и шетање во Македонија со блузончиња на патентчиња, бели капути, трубачи. Откако сфатија дека владиното мнозинство е зголемено на 65 пратеници и видоа дека e отпочнат најголем инвестициски проект од 1,3 милијарди евра, сега почнаа со нивните изјави кои ги гледаме веќе двеипол години. Ова не чинело, она не чинело. Ниту се шири руско влијание, ниту било какво друго влијание“, рече Ковачевски.
Според него, изјавите на опозицијата немаат реална основа и се дадени во очај.