Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и со градоначалникот на Општина Струмица, Коста Костадинов денеска во Струмица присуствуваа и се обратија по повод новоизградената градинка со капацитет од 307 деца од предучилишна возраст.
Градинката „Виножито” е најголемата установа за ран детски развој изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјални услуги со финансиска поддршка на Светска банка и воедно најголемата во Струмица.
„Струмица денеска добива нова градинка, ново катче за најмалите. Градинката „Виножито“ е најголема во Струмица и единствена со капацитет од 17 воспитни групи, во која ќе се згрижат над 300 деца.Драго ми е што како Влада, придонесуваме за убаво, среќно и безгрижно растење на децата. Ние посветено работиме на долгорочно инвестирање во децата. Наша цел е да им обезбедиме на децата подобро образование, но и да ја подигнеме стапката на што поголема вклученост на најмалите во предучилишно образование. Со наша поддршка досега се отворени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека со отворањето на нови градинки обезбедуваме место за вклучување на сите деца во предучилишно образование, бидејќи тоа предучилишно образование не само што е добро за децата, туку е добро за родителите. Многу често сум сведочел лично дека голем број семејства не можат да ги усогласат работните обврски, бидејќи нема каде да ги остават своите најмали и нема кој да ги чува додека тие се на работа. Сите овде се согласуваме дека тоа е голем проблем за едно семејство добро да функционира.
„Ние сме Влада која ги слуша и решава и проблемите на граѓаните, пензионерите, работниците, компаниите. За мене како човек кој доаѓа од приватниот сектор, социјалниот дијалог е клучен за унапредување на работничките права, тоа го практикувам и сега како Премиер, меѓутоа и во иднина, бидејќи социјалниот дијалог е тој кој што може да донесе уште поголем напредок за сите групи во општеството. Сите овие потези кои ги направи оваа Влада, од зголемувањето на минималната плата и покачувањето на пензиите, до финансиската поддршка во време на криза за најранливите, до субвенционирањето на струјата за 5 пати во однос на она што би го плаќале граѓаните доколку немаше таква субвенција, сето тоа е во насока на обезбедување поквалитетен живот, меѓутоа и во насока на покажување на солидарност, бидејќи ова е време на помош за оние кои што се најранливи категории на граѓани”,истакна Ковачевски.