Решението на судот во Стразбур, во кое се посочува дека за важноста на аболициите од претседателот Ѓорге Иванов може да се одлучува откога ќе завршат судските постапки, за премиерот Димитар Ковачевски, тоа е „огромна победа на државата“. Тој смета дека Владата победила во процесот иако не е одлучено за тоа дали можело да се поништат веќе дадените аболиции.
„Беше објавена и пресудата на Европскиот суд за човекови права. Ова е огромна победа и успех на нашата држава. Македонскиот тим даде сè од себе и издвојува победа во исклучително комплексен случај. Со одлуката на судот во Стразбур, која во случајот е во корист на државата, жалбите на апликантите се прогласени за недозволени вклучително и во делот на наводните помилувања. Аргументите на Владата се уважени од Стразбур. Спротивно на тврдењата на апликантите, судот не утврди прекршување на европската конвенција за човекови права. Ова е победа и на државата, и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени поради неискористување на домашните правни лекови. Ние сме држава членка на Советот на Европа, нашата посветеност за владеењето на правото е неоспорна во голем број други случаи. Дополнително, како држава што води преговори со ЕУ, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас. Со оглед дека постапките за овие предмети се во тек, би се воздржал од коментари за да не се протолкува како влијание врз правосудните процеси“, изјави Ковачевски.
Претходно, адвокатот Влатко Илиевски, кој е подносител на жалбите во име на обвинетите, посочи дека нема простор за триумфализам кај Владата. Тој посочува дека откога Кривичниот суд, Апелација, па на крајот и Врховниот суд, ќе донесат пресуди за предметите, со што ќе се исцрпат сите правни лекови, ќе треба Стразбур да пресече за аболициите.