„Само СДСМ и Коалицијата за европска Македонија може да го предводи обединувањето на граѓаните и на државата зад една заедничка идеја – идејата за европска иднина. Само СДСМ ја има има обединувачката моќ да ги поврзе сите луѓе во државата и само СДСМ го има клучот за подобра, безбедна и одговорна иднина за граѓаните”, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот кој вечерва се одржа во Сопиште.
Тој ги повика сите лидери да се воздржат од наративи и пораки кои само може да ѝ наштетат на државата и на нејзината европска иднина.
„Додека јас говорам за проекти, подобар животен стандард, раст на плати и пензии, други се обидуваат да потпалат меѓуетнички тензии. Сакам да им порачам на сите: Ова не е Македонија на закани, конфликти и нетрпеливост од 2001 година. Ова е Македонија од 2024 година, Македонија која гордо и сигурно чекори кон рамноправно членство во Европската Унија. Враќање назад нема!”, рече Ковачевски.
Тој порача дека нашето меѓунационално единство е сѐ уште кревко и не смееме да дозволиме некој да си игра со него.
„На граѓаните треба да им е јасно дека секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација, тоа е и враќање назад. Назад во 2001 година или којзнае каде. Ние тоа нема да го дозволиме”, потенцираше Ковачевски.