Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Просечната плата ќе биде над 1.000 евра во мојот втор мандат

1 9.jpeg

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска ја посети компанијата „Киел Македонија”, во ТИРЗ зоната во Тетово. Во рамки на посетата, тој ја истакна континуираната заложба на СДСМ за развој на економијата како и раст на платите, со цел да се обезбеди подобар животен стандард за граѓаните.

„Од вчера просечната плата е рекордно највисоко ниво, 40.000 денари, тоа се 650 евра, што е за  360 евра повеќе од 2017 година. Рекордна минимална плата од над 22.500 денари ќе се обезбеди со следното усогласување согласно Законот за минимална плата,  што ќе стапи на сила идниот месец. Тоа е за 180% зголемување споредено со претходно кога  минималната плата беше 8.050 денари”, рече Ковачевски во изјавата за медиуми по посетата на компанијата.

Претседателот Ковачевски се осврна и на фактот дека сите подобрувања кои се случија за време на Владите предводени од СДСМ се само поттик за уште попосветена работа во наредниот период.

„Овие подобрувања не значат дека ние ќе застанеме тука, напротив, во наредниот период, во мојот втор мандат како претседател на Владата, ќе работиме да дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра. И ова, ве уверувам дека со правилни политики е достижно, како што покажавме дека овие историски највисоки нивоа кои денес ги имаме, се исто така достижни. Јас често велам, со напорна работа, нема недостижна цел. Никој не веруваше дека 500 евра просечна плата до 2024 година е можно и остварливо. Но, како што знаете, тоа ветување, СДСМ го оствари со уште поголем износ. Така ќе биде и овој пат со ветувањата кои ќе бидат дел од предизборната програма на претстојните избори”, порача претседателот на СДСМ, Ковачевски.

Можете да прочитате

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион