
Поранешниот премиер и екс-лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупреди дека македонската економија се наоѓа во исклучително тешка позиција поради глобалниот пад на бруто-домашниот производ (БДП) и високата инфлација.
Според него, овие фактори вршат огромен притисок врз буџетскиот дефицит, што ќе наложи итни кратења на трошоците, објави 4news.mk
Ковачевски посочи дека Владата е исправена пред тежок избор: или да го зголеми дефицитот, или да ги намали трошоците за да го одржи на исто ниво. Тој стравува дека токму капиталните инвестиции би можеле да бидат први на удар.
„Ако приходите се намалени, а сакате да го одржите дефицитот, мора да кратите. Оперативните трошоци не се во голем обем, па затоа најчесто се крати кај капиталните инвестиции. Тоа е сериозен ризик за економијата на долг рок“, истакна Ковачевски.
Анализирајќи ги најавените владини мерки, поранешниот премиер направи математичка пресметка за нивното влијание врз државната каса:
Дневен трошок: Околу 1 милион евра.
Месечен трошок: 30 милиони евра.
Проекција за 3-4 месеци: Околу 120 милиони евра помалку приходи во буџетот.
Според него, ваквата дупка во буџетот неминовно ќе доведе до порана измена на државната каса. „Претпоставувам дека ребалансот на буџетот ќе биде порано од вообичаено. Нема да се чека јуни, туку поради кризата тоа ќе се случи за месец или месец и половина“, вели тој.
Ковачевски се повика на најновите извештаи на ММФ, нагласувајќи дека 85% од земјите членки се увозници на нафта и директно зависат од светските берзи.
„Македонија го дели истиот проблем. Немаме сопствено производство на нафта и целосно зависиме од цените на суровата нафта и дериватите. Намалениот глобален БДП и зголемената инфлација создаваат ‘совршена бура’ која ја принудува власта на тешки и непопуларни економски одлуки“, заклучи Ковачевски.


