Утрински Весник
Македонија

Kовачевски му честита и му додели благодарници на тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб

Kовачевски му честита и му додели благодарници на тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, во Владата, се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб во ноември 2022 година.

dobivaj vesti na viber

За овој историски подвиг во македонското здравство, премиерот им додели благодарница на сите што учествуваа во овој сложен зафат. На овој свечен настан присуствуваше и министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Ковачевски на почетокот од настанот изрази неизмерна благодарност до семејствата што во најтешките мигови од животот одлучуваат да ги донираат органите од свој близок починат.

„Благородни се тие луѓе, семејства, кога во моменти на најтешка болка и страдање со својата одлука ја враќаат единствената надеж кај друго семејство, кај друг човек, кај пациент. Во период од три години, почнувајќи од 2020 година до јануари годинава, 18 семејства дадоа согласност од своите блиски да се подарат и трансплантираат органи и подарија живот на десетици пациенти. Ви благодариме!“, рече премиерот.

Ковачевски на тимот лекари и на медицинскиот персонал им честита за успешната трансплантација на срце, со што Клиниката за дигестивна хирургија и другите клиники и институти, кои беа вклучени во трансплантацијата, направи огромен придонес за нашиот здравствен систем.

„Изминативе три години како држава, како здравствен систем, покажавме дека може да се приближиме кон светските и европските трансплантациски системи. Во период од три години во земјата се донирани 61 орган – беа трансплантирани 8 срца, 32 бубрега, кај 19 пациенти беа трансплантирани коскени ткива, а двајца пациенти добија црн дроб.

Почитувани лекари, анестезиолози, хирурзи, нефролози, неврохирурзи, кардиолози, кардиохирурзи, уролози, ортопеди, трансфузиолози, медицински техничари, негуватели, сето ова немаше да се реализира без вашето знаење, искуство и експертиза“, рече претседателот на Владата.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа клиника, проф. д-р Зоран Караџов, истакна дека со реализацијата на овој проект нашата држава стана дел од групата земји кај кои се изведува оваа процедура, која претставува една од најсофистицираните во областа на трансплантологијата.

„Ние овој проект го реализиравме сами, без помош од надвор. Покажавме дека можеме, знаеме и умееме. Со голем ентузијазам, голем труд и пожртвуваност на сите оние што беа вклучени во овој процес. Резултатот е дека во еден кус период на Клиниката за дигестивна хирургија изведени се 2 успешни трансплантации на црн дроб кај возрасни лица“, рече д-р Караџов.

Благодарност за заложбите на Владата и за поддршката изрази и проф. д-р Светозар Антовиќ од Клиниката за дигестивна хирургија.

„Ова денешно признание, што ни го оддава премиерот, е многу важно за сите нас, тоа ни влева надеж дека и Владата и премиерот разбираат точно колку голем, огромен успех, сме направиле и дека ќе ни бидат достапни за да изградиме систем што ни е навистина потребен. Многу ми е мило за ова признание не само од личен туку и од професионален аспект и верувам дека така го доживуваат сите на овој тим“, истакна д-р Антовиќ.

На средбата присуствуваше и Драган Белески, пациентот кому му беше транспортиран црн дроб.

„Сакам да упатам голема благодарност до луѓето на кои им го должам мојот живот. Благодарение на нивната одлука јас денеска сум овде со вас. Со зборови не може да се објасни колку е голема радоста на болен човек кога ќе му се подари живот и кога некој што ниту го знае ниту го познава ќе го стори тоа.

Сакам да им се заблагодарам на сите лекари и на медицинскиот персонал кои во текот на годините се грижеа за мене бидејќи јас бев нивен пациент и посебна благодарност да упатам до докторите и целиот тим што ми го трансплантира црниот дроб.

Благодарам што ми подаривте живот“, истакна Белески.

Можете да прочитате

СДСМ: Гори цела Македонија, Владата нема контрола врз пожарите

ДОМ: Томас Вајц ја пренесе вистинската слика за Македонија во Европскиот парламент

Прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски