Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе промена

18.03.2024 Dimitar Kovachevski Kumanovo 17.jpeg

Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ:

Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, рече вечерва во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.

-Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ закопа и ќе не заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.

Кога ќе ги прашате која е нивната визија и алтернатива за Македонија – тие нити знаат, нити кажуваат, нити имаат план, додаде тој.

-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Сите ќе им бидат виновни, освен тие самите! Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, потенцираше Ковачевски.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег