Претмиерот Димитар Ковачевски денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.
„Денешниот чин, е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него.
Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко“, вели Ковачевски.
Камен-темелникот на Коридорот 8, според него, не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании.
Изградбата на Коридорот 8, како што оценува, ќе значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава.
„Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, додава Ковачевски.