Изборот на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и откажување, помеѓу борбата за иднината со СДСМ и заглавување со ДПМНЕ, рече вечерва во Тетово, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворањето на нов промотивен штаб на партијата.
-Кога ве гледам вака собрани во голем број на отворање на штаб јасна е пораката, СДСМ е подготвена за нова победа на изборите. Тоа ќе биде победа на надежта, победа на визијата, на желбата за подобро утре, победа на европска Македонија. Затоа што изборот на претстојните избори ќе биде меѓу надеж и откажување, помеѓу борба за иднината со СДСМ и заглавување со ДПМНЕ. А народот не сака да биде повторно заглавен, со наведната глава и да чека нови 11 години во некои подруми, рече претседателот Ковачевски.
Граѓаните сакаат напредок и светла иднина, поголеми плати и пензии и европски животен стандард, додаде тој.
-Тетово, симболот на нашата мултиетничка толеранција и соживот многу добро знае дека сите граѓани го сакаат европскиот живот без разлика на било каква припадност. Тоа е изборот на овие избори и тоа целта на која СДСМ посветено работеше во изминатите седум години, и уште посилно ќе работи по формирањето на новата влада. СДСМ покажа дека со правилни политики се исполнуваат стратешките цели, и дека нема недостижна цел!, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Тетово.