Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање за случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас рече дека е вознемирен и згрозен од јавното промовирање на сексуалното насилство и дискриминација.
„За овој случај, овде од собраниската говорница, пред сѐ сакам да зборувам како граѓанин, како човек, како татко, а потоа како премиер. Ова однесување, не само што е срамно за мажите, и тоа не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе, секое едно човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуалното насилство и сексуалната злоупотреба е целосно неприфатливо!Не смееме да толерираме вакво понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената. Секое вакво однесување, мора да биде јавно осудено и да испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо”, рече Ковачевски.
Тој додаде дека загрижувачки е што не само што слушавме за чин на сексуално насилство, туку и што бевме сведоци како соговорниците радосно и без грам грижа на совест и свесност колку штета нанесуваат, се смеат и ликуваат додека дискутираат.
Според Ковачевски, на место била силната јавна осуда но смета дека тоа не е доволно.
Тој ги повика институциите да го истераат овој случај до крај. Да покажат дека сепак во Северна Македонија имаме владеење на правото.
Ковачевски го повика и Здружението на новинари, да се оградат од колегите кои шират ксенофобија и дискриминација, бидејќи такви луѓе не се достојни да пишуваат и да зборуваат пред јавноста.
“Слободата на говорот во Република Северна Македонија е загарантирана со Устав, но тоа истовремено не значи и дека секој може да ги гази човековите права, да шири омраза, мизогинија, ксенофобични и дискриминаторски идеи. Слободата на говор истовремено подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира”, рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека е гневен што, во 21 век, во 2023 година, одредени личности со неверојатна леснотија се шегуваат за сексуално насилство.