
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешната годишна прес-конференција упати апел до Судскиот совет и Собранието итно да предложат и изберат уставен судија, предупредувајќи дека Судот веќе се соочува со сериозни проблеми поради некомплетен состав. Тој ги повика и политичарите на поголема уставно-правна култура и воздржаност од поделби и етикетирања. Одговарајќи на новинарски прашања, Костадиновски истакна дека по заминувањето на една судијка во мај, Уставниот суд веќе има десетина предмети без донесена одлука.
-Веќе имаме проблеми. На вчерашната седница имавме не еден, три предмети во кои немавме мнозинство. Значи од заминувањето на колешката во мај месец, до денес мислам дека имаме десетина предмети кадешто немаме одлука. И повторно, неблагодарно е да ги квалификувам како важни или помалку важни. Сите наши одлуки се важни, изјави Костадиновски.
Во однос на предметот со пензиите, тој нагласи дека по поделбата на мислењата меѓу судиите, одлуката ќе се донесе веднаш по изборот на нов судија.
-Поведената постапка не значи одлука. Се поведува постапка со решение кога изразуваме сомнеж и влегуваме во втора фаза, кога се испитува уставноста и законитоста. Таа втора фаза, не секогаш завршува со одлука. Одлуките се укинувачка, поништувачка, но можеме и да ја запреме постапката, ако дел од судиите во своите правни резонирања виделе дека пропуштиле некој важен, суштински елемент. Значи два пати се гласа, изјави Костадиновски.
Прашан зошто Судот не постапил порано по сопствена иницијатива, Костадиновски посочи дека измените биле оспорени со повеќе иницијативи.
-Често се спомнува ова побрзо или поспоро постапување. Како суд ние имаме механизми со типот на нашата одлука да ги исправиме последиците, доколку настануваат по било кој закон. Затоа некогаш прашањето не е суштинско дали можело два три месеци порано или подоцна да се одлучи, изјави Костадиновски.
Во однос на непочитувањето на роковите од страна на законодавната и извршната власт, тој најави поцврст пристап на Судот во иднина.
-Медениот месец за било кој државен орган завршува. Ние имаме и механизми и типови на одлуки во кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Можете да очекувате наредната година многу поинакви одлуки од Уставниот суд, изјави Костадиновски.



