Утрински Весник
Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Со 30 милиони денари се реконструира покривот на НУБ „Св. Климент Охридски“

Костадиновска-Стојчевска: Со 30 милиони денари се реконструира покривот на НУБ „Св. Климент Охридски“

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изврши увид во работата за санација на покривната конструкција на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде изминатите два месеца се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот.

dobivaj vesti na viber

„ За оваа неопходна санација и реконструција на една од најзначајните институции за науката и културата во нашата земја, Министерството за култура досега одвои околу 30 милиони денари. Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 проценти од одобрените средства, односно 16.827.443,00 денари“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

За време на увидот, директорот на НУБ, Рахметула Куќи, и министерката Костадиновска-Стојчевска дискутираа и за актуелните предизвици со кои се соочува оваа институција чиј објект претставува архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, неодамна починатиот Петар Муличковски. Годинава симболично, со неговата смрт и почетокот на реконструкцијата на старата зграда на НУБ, се навршува точно половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба.

Министерката Костадиновска-Стојчевска и директорот Куќи го потенцираа и повеќедецениското неоправдано запоставување на оваа наша најголема ризница на знаење и ги искажаа своите заеднички идни заложби, но и заемното задоволство што таквата практика веќе станува минато. Потврда за тоа се подобрените работни услови за вработените, како и интересот на неколку домашни угледни компании и дипломатски претставништва да дадат свој придонес во враќањето на сјајот на оваа клучна институција од областа на културата и образованието.

Директорот Куќи ја актуализираше потребата од зголемување на бројот на стручниот кадар, како и потребата за набавка на нова современа опрема во Центарот за дигитализација при НУБ, потребна за едукација и надградба на знаењата на новите млади генерации корисници.

Mинистерката за култура уште еднаш ја потенцираше својата заложба оваа монументална и значајна институција, која е и една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944 година, повторно да го врати својот сјај и да стане водечко збирно место за младите и прогресивни студенти, истражувачи и културни дејци.

„Ние сме тука да ја подобриме сегашноста во оваа институција, институција која може да ни понуди најточен и најдобар поглед кон посветлата иднина преку своето знаење, преку сето културно и историско искуство и богатство кое е акумулирано во депоата на оваа наша најголема библиотека“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, продолжува и следната година.

Можете да прочитате

Тетовчанец креирал лажни профили од малолетничка: И’ барал сексуални услуги за да ги избрише профилите 

Сиљановска Давкова се обрати на Женскиот економски форум – Балкан 2024

Halk EZ со поддршка на првиот академски час на УКИМ