Утрински Весник
Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Изборите ќе бидат успешни, техничката Влада е подготвена да го овозможи тоа

Sobranie2a.jpg

Собранието штотуку ја изгласа техничката Влада во која досегашната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска продолжува да го води овој ресор. 

Таа на својата официјална Фејсбук страна им го честитата мандатот на новоизбраниот премиер Талат Џафери, како и на новите министри и заменици-министри истакнувајќи дека и овој состав на  Владата продоложува со работа на зацртаните приоритети и цели. 

„Сигурна сум дека ќе имаме успешни парламентарни и претседателски избори, во демократски услови, на кои граѓаните ќе одлучат државата да продолжи напред и да го задржи својот проевропски пат”, вели Костадиновска-Стојчевска.

Костадиновска-Стојчевска додава дека учеството на сите партии во техничката Влада и меѓусебната соработка е гаранција дека со заедничка работа ќе биде успешно организиран изборен процес, што според неа е во интерес на граѓаните и иднината на државата.

„Во следните 100 дена имаме голема одговорност и обврска да спроведеме слободни, фер и демократски избори, за да не оставиме простор за сомнеж ниту пак причина да се фрли дамка на изборниот резултат. И подготвени сме за тоа”, уверува министерката за култура.

За избор на техничката Влада „за” гласаа 68 пратеници, а три, „против”.

Техничката влада има мандат од 100 дена, период во кој треба да ги спроведе претседателските избори на 24 април и парламентарните избори на 8 мај, на фер и демократски начин, преку учество на министри и дополнителни заменици – министри од опозицијата во клучни ресори.

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот